ЦАЦИ НОСИ МИНЃУШИ

Новинарите од малите екрани кога се претставуваат себе си или кога претставуваат некој од своите колеги, го прават тоа со полно име и презиме. Сме чуле: “Јас сум Валентин Николоски” или “На линија ја имаме Славица Арсова”. Да не набројуваме повеќе. Тоа си е сето во ред. Но кога комуницираат новинарите меѓу себе, слушаме некој деминутиви, некои галовни имиња, карактеристични за речникот на бабите.

Телевизиската техника сега е на високо ниво. Ние ги следиме вестите од студиото, но може да се вклучи директно некој репортер од самото место на некој интересен настан. Во таквите случаи, кога контактираат новинарите, слушаме ТИНО – наместо Валентин, ЗОКИ – наместо Зоран, ЦАЦИ – наместо Славица. Сме слушнале: “ТИНО, толку засега”, а следува одговор: “ЗОКИ, ти благодарам”. Ќе чуеме: “ЗОКИ, дали има уште нешто да ни соопштиш”? А одговорот е: “Не, ЦАЦИ. Со повеќе детали во следните вести”. И така, ТИНО, ЗОКИ, ЦАЦИ, ЖАНЕ, КАТЕ и којзнае уште како.

Бабата може да рече “Тино, бабин”, или “Зоки, личен на баба”, или “Цаци, убавата мома бабина”. Бабата може така. Може и некоја стрина или вујна. Но, вака на екраните, ќе признаеме, тоа не е баш пристојно. Новинарите се официјални претставници на определен медиум и не би требало пред гледачите да комуницираат со ваков бабин речник. Замислете, двајца официјални претставници, на две различни партии (Бранко Црвенкоски и Никола Груевски) на малите екрани да си се обраќаат со Бранче и Николче. Или да ги видиме во некој телевизиски дуел Шеќеринска и Бонева да си се нарекуваат Ратче и Силванче. Што не бидува, не бидува. Истото се однесува и за новинарите.

Бидејќи телевизијата некако ни станува дежурна тема, да се позанимаваме уште малку со неа. Телевизиите емитуваат и понекои хумористични емисии. Сител дошол на оригинална (не многу нова) идеја. Беа прикажувани приватни снимки, некои грешки направени при подготовките на емисиите. Така, камерата ја “уловила” и ЦАЦИ во една приватна позиција. Подготвувајќи се за снимање на дневникот, ЦАЦИ држи обетки во рацете и вели: “Ајде, да си ги ставам МИНЃУШИТЕ”! Е, Цаци, грешка е тоа. Па и бабите знаат дека тоа се ОБЕТКИ. На македонски, така се викаат МИНЃУШИТЕ. И приватно и службено. И Речникот на македонскиот јазик е сведок за тоа. Ќе го најдеме таму зборот ОБЕТКИ преведен на српски како МИНЃУШИ.

На друга телевизија, друга хумористична емисија. “Зевзекманија” се вика. Меѓу другото, таа емисија не е недуховита. А јазикот?! Како и обично. Како и насекаде! Играта на учесниците е брза, динамична. Тешко може човек да ги регистрира сите грешки. А многу се. Ќе се задржиме само на една: “Мувата ќе застане каде што е ТРУЛО”. И други ја прават оваа грешка. ТРУЛО, на македонски гласи – ГНИЛО. ГНИЛОТО, ако е многу изгниено, може да е и СКАПАНО. Ако е само ГНИЛО може и да не е уште за фрлање. Гнили круши, гнили оскруши, гнили мушмули, се убави за јадење. Но, ако претерале со гниењето ќе бидат веќе СКАПАНИ. За српскиот збор ТРУЛО, можеме да речеме и ГНИЛО и СКАПАНО. А што се однесува до мувата, таа без да има потреба да го знае јазикот, оди на гнилото. Уште повеќе би одела на скапаното.

Зборот ГНИЛО (не ТРУЛО) се употребува кај нас и во една друга смисла. Ако некој не ја врши добро својата работа, ако прави големи животни грешки, велиме дека гази на ГНИЛО. А тој што гази на ГНИЛО, нема цврста подлога, ќе пропадне. А што правиме ние Македонците во врска со јазикот? Дали газиме на ГНИЛО? Дали настојуваме да си создадеме цврста подлога, на која цврсто ќе застанеме? Не! Газиме на ГНИЛО! Ако продолжиме вака, не само што ќе ни се разниша основата, туку сосема ќе се ничкосаме! Дури и не сме свесни на што газиме и каде одиме.

А мувите како муви! Тие знаат каде одат.

Благоја Ивчески

Loading