СТО ДРАМ АЛВА ОД ВЕК ЗА НА ВЕК

Ѓорѓи Штаргоски, бакал

90 годишниот бакал и годинава ќе запали свеќа на празникот на еснафот Три Светители и ќе седне на традиционалната заедничка трпеза во манастирот Свети Димитрија во Селце

Го знаат како Ѓорѓи бакалот, затоа што сиот работен век го минал во мерење на масло, шеќер, сол, во продажба на прехранбени артикли, па дури и работејќи во магацин каде се чувала и испорачувала производи за исхрана. Иако ја турка десеттата деценија од животот, Ѓорѓи Штаргоски уште е пргав, подвижен, како видра, затоа што со години потскокнувал на секој муштерија, затоа што со саати се трудел да ја суреди стоката која била за продавање. В недела, 90- годишниот бакал Ѓорѓи ќе се спрегне, ќе се натокми најдобро што може, и здравје Боже, ќе замине в црква, во Благовештение за еснафската средба на православниот празник Свети Три Светители, познат како денот на бакалите. Ќе се види со колегите, со старите бакали кои ја знаат душата на чаршијата. Ќе ги обноват спомените, ќе проговорат за времето минато, за тоа како било и како е сега, кога наместо трошните бакалници со ограничена палета на стоки, на муштериите им се нуди од пиле млеко, во климатизирани маркети со убав ентериер. Ќе смогне сили и за следната недела, на 19 февруари, да се искачи до Селце и да седне на заедничка трпеза како некогаш, во манастирот Свети Димитрија во кој бакалите го одврзуваат ќесето за да се уреди светиот храм. Од 1957 година не престана збирањето на бакалите. Се одеше в црква и после на гости кај домаќинот. Тоа е убав адет – вели Ѓорѓи Штаргоски.

Прво калфа кај Петре Мино

А да се биде бакал било гордост, оти се барала чесност, а не окото да ти се излаже по намерно фрлената паричка на подот. А требало човек да знае и есап, да има чколија, да знае да мери. Започнал како калфа во бакалницата на Петре Мино во 1934 г. која се наоѓала на паркингот, кај поранешна Стара На-Ма. Тргав шеќер, масло од буриња кои имаа инка и пумпа, продавав катран за запрежните коли, газија, маслинки, еблебии, киткиритки… Некои службеници, железничарите пазареа еднаш неделно, а јас им го носев зајрето дома. Најмногу пазареа на големо бакалите од Крушево – се сеќава Ѓорѓи. По ослободувањето, во 1947 г. работел во Гранапот, во магацинот, а директор им бил Сотка Кајафо. Потоа, во фирмата Народен борец, во магацинот на големо за бакалниците. Работел во дуќанот карши џамијата. После 1952 г. бил продавач во неколку продавници на фирмите 29 Ноември, потоа 3 ноември. А во пензија заминал од Центропромет, од супермаркетот под деветкатницата. Бакал бев во Марино маало, кај Стеван Тујџаро, кај Чумко наспроти Педано… Тогаш имаше бакалници кај Киц, кај Блаже Кајзеро, кај Пинѕуро, кај Григор и Стеван во дуќанот кај Тепајмајковци, Самарџиовци, Гугучката, Дизаровци. Од работата запознав многу луѓе, имаше некои кои пазареа по намалце, за банка, за 5 динари, но и нив ги услужував еднакво. На вересија не се даваше, само земаше еден Ром кој беше многу чесен и си плаќаше – се сеќава Штаргоски. Раскажувал дека на девојќите кои полнеле вода од Чумко им турал сол во ѓумчињата, а некогаш на грешка во дуќанот добил и буре сало на кое не знаел што да му прави.

Кај бакалот дома имало сé и сешто

А пак домаќинката од бакалот, Цветанка вели дека дома секогаш имала и масло и шеќер. Имало сé и сешто, а комшиите знаеле дека кај бакалот дома можат да појдат за заем. Синот Здравко, кој исто така работел во трговската мрежа, вели дека иако немал голема плата татко му, сепак дома носел слатко-благо. Бидејќи соковите, на пример чоколадите идеа во трговијата во ограничени количини, заедно со сестра ми имавме можност да пробаме. Имаме дома за разлика од другите врсници кои само сонуваа. Татко ми беше секогаш со моливот зад увото и имаше на белите книги фермани есапи, есапи – вели Здравко. Освен Ѓорѓи, од фамилијата Штаргоски речиси сите браќа биле бакали, односно трговци.

Loading