ОПШТИНАТА ЌЕ ДАДЕ 4,5 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЗА КУЛТУРАТА

Со буџет од околу 4,5 милиони денари Прилеп ќе ги поддржи културните манифестации годинава. Ова е содржината на локалниот буџет за прилепската култура. Предвидена е поддршка на фестивалите кои го зачувуваат културното наследство, го промовираат градот и го афирмираат на меѓународно ниво.

-Пари се одделија за карневалот Прочка, фестивалот “Пеце Атанасовски”, за “Мариовско-Мегленските културни средби” , за фестивалот “Војдан Чернодрински”, за фестивалот за деца “Сиљан Штркот”. Во делот на музичките фестивали за Прилеп Фолк фест, Македонски иселенички фолк фестивал, Интернационалнит детски музички фестивал Ѕвездички, Мелфест, Пиво фестивалот и за Прилеп џез викенд. Ќе се поддржат финансиски и Поетско Маркукуле и Уметничкото лето со поддршка на ликовни колонии и симпозиуми, интернационални работилници, како и настапи на летната сцена на прилепски музички групи за проектот “Од нула до култура” – вели Снежана Ристеска, советник за култура во општината.

Во програмата се и концерти и перформанси на културно-уметнички друштва, танцови групи…. Предвидено е помагање во издаваштво и промоции на книги на прилепски автори. Преку транспорт ќе се обезбеди и учество на културни, туристички или спортски настани во Македонија и во соседните држави од страна на репрезентативни групи, како и учество на годишна Конвенција.

Одредени се средства за одбележување на значајни личности, настани и празници како за 11-ти Октомври, 3-ти Ноември, Св. Никола, 8 Април-Меѓународен ден на Роми, Денови на Крали Марко, 8-ми Август – Карпалак, 23-ти Октомври, како и одбележување на јубилеи и годишници на настани и личности од историјата, кои се од значење за градот и државата.

Пари има и за поддршка на  на развој на активниот туризам, значаен за промоција на градот и културни потенцијали. Се предвидува изготвување на проекти за поттикнување и развој на културен туризам, печатење на промо материјали, меѓународна и билатерална соработка во областа на културниот туризам, едукација и тренинг обуки, како и субвенции за разни туристички форуми и манифестации. Приоритет е и изработка на стратешки документи, со што ќе се стави културното наследство во функција на развој на Прилеп, како и за јакнење на капацитетите на кадарот во институциите од областа на културата преку континуирани обуки, семинари и сл.

Програмата за култура не е субвенционирана од Министерството за култура и се креира со сопствени средства и критериуми, кои значат континуитет, мобилност, презентација, промоција, опфат на целна група, медиумска застапеност… Ќе биде надополнета со други идеи и проекти кои ќе се одобрат од комисијата за финансирање и буџет, а ќе бидат поднесени на отворениот јавен повик на Општината.

Донесена е и програма за спомен обележја за периодот 2023-2028 г. но за годинава не се предвидени средства.

Loading