ЖИВ Е ДУХОТ НА СИЛЈАН ШТРКОТ ВО МАЛО КОЊАРИ

Додека штрковите заминуваат на југ

– Неколку нескротливи табиети се сметаат за “современици” на ликот од приказната на Цепенков

Остануваат празни гнездата на штрковите на секој оџак во селото Мало Коњари по празникот Свети Пантелејмон. Од памтивек природниот инстинкт ги тера штрковите кои од март виат седела, во август да заминат во јужните краиша заедно со новите потомци. В година пак ќе се населат на истата бандера или куќа и ќе го продолжат сојот во топол дом.

Додека последните штркови ги тегнаат крилјата за долгиот пат, љубопитство предизвикуваат корените и врската на селото Мало Коњари со легендарната приказна за Силјан Штркот, собрана од Марко Цепенков. Според преданието лошиот син Силјан бил проколнат од таткото му да не може да ја види фамилијата, та го претворил во штрк.

Жителот Трајче Каралиоски, со гордост кажува дека потекнува од селото на Силјан. Според него, а слушанот од постарите, преданието се создало, поради блискоста на селото до прилепската чаршија.

– Прилеп ги привлекувал младите да го вкусат градскиот живот. Додека чаршијата буела со разни занаети, на младите пркосни луѓе од селото им бил тесен атар. Младите барале да зилезата од “канџите на животот полн со мака и напор од земјоделието. Барале да го сменат со градскиот, со раздвижената чаршија, да седнат во некоја крчма, да го почувствуваат духот на сокаците и да го мирисаат градскиот стил на уживање, носен од времето. Таков бил Силјан Штркот. Му се погодил муабетот со еснафот и мајтапчиите. Со авантуристичкиот табиет, сакал да истражува и да открива. Слушал од печалбари за земји преку море, без зима. Сонувал да да го про вкусот на неивесното и, за него, привлечно, – кажува Каралиоски.

Потеклото на приказната за Силјан е од  фамилијата Божиновци, со куќа сред село.

– Постоел нескротлив млад човек со силен порив за патувања, брлив и аздисан. Тоа го мотивирало Цепенков – оценува Каралиоски.

Штркот е избран за метафора по кажувања на претците дека тие заминуваат и секогаш се враќаат на родната земја. Тука го свиле гнездото, тука се родиле и ги влече местото.

Според Каралиоски, и денес живее духот на Силјан Штркот во малокоњарци. Ги привлекува градскиот живот. Секоја вечер се излезени со возила. Не се сменети во табиетите. Им врие генот, носен во крвта, како во времето на Цепенков.

Потврда дека во легендата има вистина е тоа што околината на селото била полна со вирови со жаби. А каде има жаби, природно е во синџирот на исхрана, да има и “ресторан” за штркови.

– Коњарци се  многу боеми. Се стремат да го вкусат градскиот живот. Имало и ќе има наследници на Силјан Штркот. Место не ги фаќа и ретко или никогаш не се вртат дома. Постојано тлее желбата да пробаат нешто различно, да посетат невидени места… Има луѓе што ги превртеле сите континенти и пак се вратиле во родниот крај. Мераклии се на љубов кон добрите жени, добрата капка… Трајко, викан Моторот, е жив пример за новите Силјани – додава Трајче Каралиоски.           

 Врската меѓу Прилеп и Мало Коњари е нераскинлива.

Штркот носи среќа

Покрај приказната дека штркот носи деца, според кажувањата на мајка му на Каралиоски, тој носи и среќа.

– Постои суеверие дека е среќа гнездото на штркот на оџакот. Ако се урне, куќата ја сардисуваат несреќи. Не се уриваат седелата, оти владее суеверие дека тоа носи неволји – вели Каралиоски.

Интересни се ритуалите за чифтење на штрковите, кога мажјаците се додворуваат на женките.

Штрковите се одмораат на Пелопонез и на Крит во Грција. Го прелетуваат Медитеранот на патот до Африка.

Скулптура на Силјан Штркот во Мало Коњари        

За потомците Силјан штркот е крената скулптура на штрк во Мало Коњари, оживувајќи го духот на легендарниот јунак од приказните на Марко Цепенков. Околу 800 жители го прераскажуваат преданието за немирниот млад човек.

Жителите се горди што ги препознаваат како потомци на главниот лик од приказната.

Loading