СПОМЕН ОБЕЛЕЖЈЕ ЗА ПРИЛЕПЧАНЕЦОТ ОКЈАР

Иницијатива (14)

Објавуваме написи за животот и делото на една многу интересна личност од историјата на Турција – Али Фети Окјар. Тој е роден во Прилеп и бил политичар, војник, дипломат и публицист.

Неговиот бурен живот предизвика неколку интелектуалци и бизнисмени од Прилеп да покренат иницијатива за одбележување на високите политички дострели на прилепчанецот на политичката сцена во Турција во почетокот на минатиот век кој во политичката кариера стигнал до позицијата премиер на младата турска демократска држава и прв соработник на основоположникот на современата демократска Турција, Кемал Ататурк

Во политичкиот живот Окјар двапати бил премиер на земјата. Бил и претседавач со парламентот. Бил главен преговарач на преговорите за одредување на турско-ирачката граница и за решавање на прашањето на Мосул. Бил именуван за амбасадор во Париз. Останал до 1930 г. За време на годишниот одмор, во градот Јалова се сретнал со претседателот Мустафа Кемал Ататурк, за воведување повеќепартиски систем. Претседателот му предложил да формира нова политичка партија. Прифаќајќи го предлогот, во 1930 г. ја формирал Слободната републиканска партија.           Водена од Окјар, за кратко време, станала многу популарна. Ова ги загрижило водачите на власт. и предизвикало обвинувања за Окјар и бурни расправи во парламентот. Ататурк излегол затечен. Не очекувал таков развој на политичката состојба. Застанал на страната на неговата партија (на власт), со што направил неправда кон долгогодишниот пријател и соработник Окјар, кој во 1930 година решил да ја укине партијата, што претходно ја формирал на иницијатива на Ататурк, до завршувањето на третиот пратенички мандат (во 1931) останал пратеник – опозиционер во турскиот парламент.

Од 1931 до 1934 година останал во Истанбул, а во 1934 година бил назначен за амбасадор во Англија. По враќањето од Лондон, по петтипат бил избран за пратеник, додека истовремено 2,5 години бил министер за правда. По влошувањето на здравствената состојба, во 1941 година, поднел оставка  и се повлекол во Истанбул, каде што  починал во 1943 г.

Внукот на Окјар во писмена форма упатил молба до градските татковци на Прилеп, пред повеќе години, нивниот славен сограѓанин постхумно да биде прогласен за почесен граѓанин, со неговото име да биде означена една од улиците на градот или пак некоја институција. За жал, Прилеп ништо не презел до денес. Како резултат на 10 годишните напори на Џемил Садулах, претседател на невладина организација од селото Дебреште,  преименувано е основното училиште пред неколку години со името на Али Фети Окјар.

(продолжува)

Loading