ПИЛОТКАТА СТЕФАНИЈА ДИМЕСКА ГИ ОСВОЈУВА СИНЕВИНИТЕ

Прилеп по многу нешта е уникатен, единствен, лидер во многу области, позитивен пример за многу градови. Интересен е и со приказните за некои граѓани. Таква е и сторијата насловена “Има ли пилот во авионот? Не, има пилотка, а нејзиното име е Стефанија Димеска”. Порталот Мајка и дете раскажува за 29-годишната прилепчанка Стефанија Димеска и нејзиниот пат од детските мечти до остварување на сонот да стане пилотка. Таа била била учесник на првата глобална женска лидерска конференција „Јас Сум Жена”, на тема кариерните стереотипи со кои се соочуваат жените.

„Посакав да станам пилотка уште како мала со моето прво одење на аеродром, кога првпат ги видов авионите и имав можност да се возам. Имало моменти кога се сомневале дали сум доволно способна да го работам ова, но на крајот од денот јас со мојата посветеност и работа докажувам дека сум и тоа како способна и дека го можам истото како и секој друг. Важен е професионализмот во работата и ефективноста, не е важен полот. Мислам дека повеќето жени се соочуваат со стереотипи во која било професија што се смета за „помашка” професија”, пишува во статијата.

Стефанија има 29 години и основно училиште завршила во Прилеп, а потоа, откако семејството се преселило во Скопје се запишала во гимназијата „Јосип Броз Тито”. По професија е дипломиран машински инженер по мехатроника, но моментално чека вработување како професионален пилот. Со обука за летање започнала на спортскиот аеродром Стенковец, во Аеро клубот во Скопје. Ја продолжила обуката во Бугарија, па во Хрватска каде што го довршила остатокот од школувањето за пилот.

Loading