ВО ПЛАМЕН И ЏИПОТ НА ПРАТЕНИКОТ РИСТЕСКИ   

Горат коли на пратеници, директори, политичари…

Полицијата фати еден осомничен кој се товари дека во средата во утринските часови подметнал оган на автомобилот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Петар Ристески пред неговиот дом. Не се соопштуваат други детали. Пламените јазици го однеле во неврат џипот Шкода кодиак и го зафатиле и автомобилот Пежо, сопственост на неговиот татко.

Според полицијата, огнот бил изгаснат од пожарникарите, а повредени нема. Увид извршила екипа на ОВР Прилеп во координација со јавен обвинител. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Пред неколку недели беше запален автомобилот на директорот на Комунаец, Рубин Абрашоски.

На пратеникот Петар Ристески му беше опожарена и викенд – куќата.

-Како татко на три малолетни деца, ова го ценам како обид за убиство и напад врз институција. Очекувам министерот Спасовски итно да го расчисти. Со овој чин, ниту ќе ме заплашат, ниту ќе ме поколебаат, ниту ќе ја заборавам стресната ситуација. Доколку за брзо не се откријат сторителите, ќе сметам дека е уште една политички мотивирана игра на власта – вели Ристески.

Градоначалникот Борче Јовчески констатира дека случајно не се палат автомобили и побара оставка од командирот на прилепската полиција.

– За неполн месец се запалени возилата на четири семејства. Барам одговорност од сите релевантни фактори. МВР да ги спроведе сите безбедносни мерки. Ќе упатам протестна нота до меѓународниот фактор, амбасадите и европските претставништва во Македонија, поради тоа што МВР не е во состојба да ја одржува безбедноста на граѓаните и да го штити и чува нивниот имот – вели Јовчески.

Претседателот на Советот и координаторот на ВМРО – ДПМНЕ, Дејан Проданоски, изјави дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски остана глув на барањата на локалната самоуправа за смена на командирот на полицијата.

Опожарени се двете возила на пратеникот Петар Ристески, кој јасно и гласно од собраниската говорница порача дека “Ни мртов нема да гласа за францускиот предлог”.

-Тоа претставува виден и познат метод на заплашување на СДСМ. Прашувам дали власта вака ја разбира демократијата, кога секојдневно удира по неистомислениците. Не се плашиме. Овие методи на вандализам и дивеење, нема да нé поколебаат и да се бориме против предавството на власта, водена од СДСМ – изјави Проданоски кој исто така беш жртва на сличен чин. 

Владејачката СДСМ го осуди палењето на автомобилот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески и го повика МВР да го расчистат случајот.

Loading