НЕВЕСТАТА НА ЦРВЕН – ЗЕТОТ НА БЕЛ КОЊ

Мариово

– Се женеле и мажеле со стројници

– Свекрвата í давала кошула на невестата, а свекорот франги

Обичаите се дел од животот. Имаат значење. Белег, карактеристични навики кои го издвојуваат и го прават посебен секој град или село.  Така и во недопрената убавина, Мариово. Суровата средина е малку облагородена од раце. Во воздухот се чувствува дихот на зачуван патриотизам. Мариовците ги бие глас дека се чесни, благородни, трудољубиви, гостопримливи, итри. Луѓе, неоптоварени со завист и љубомора.

Многу легенди се исплетени за мариовците. Тргнувајќи од онаа за младата Марија која му ветила турскиот паша, ако потпише до каде да биде Мариово, ќе се омажи за него. Тој потпишал, а Марија тргнала со него. По патот се самоубила. Затоа останало името Мариово.

Малкуте мариовци живеат здрав живот. Не поради климата и здравата храна, туку од обичаите. Во каселите негде се зачувала и уникатната црвена носија и белите кошули и црни елеци за мажите. Ги зачувале обичаите кои зрачат со богата духовност.

Свадбата за мариовците е церемонијална. Од сабота на вечер, траела три дена. Весело било посебно кај момчето, посебно кај невестата. Кај момчето се плети зелен венец од бршлен и босилек. Венецот го заплетувало девојче-таткино и мајкино, а не сираче.

Во неделата сватовите оделе со коњи по невестата. Црвен коњ се украсувал, се дотерувал со ирамчиња, килимчиња. Зетот јавал дотеран на бел коњ, украсен со рубата, рачно везена и ткаена-кошули, чорапи, саи… Трипати ги враќале првите сватови. Си правеле кеф додека дојдат главните, кои невестата ја дарувале со чевли, венец и голем превез. Во црквата венчето било сплетено од лозница и со црвен конец врзано.

Ечеле гајди. По венчавањето невестата одела на кладенче и гувеела, додека нункото ја советува како да е верна домаќинка. Таа со движење на главата ветувала почит. Зетот го забрикувале старосватот, деверите и кумот.

Брат или најблизок братучед ја испраќал невестата. Имало мал и голем девер, кои ја качувале на коњ. Едниот ја крепел од едната, а другиот од другата страна. Кај момчето ја пречекувале на вратата, преградена со дрвца во оџакот. Трипати ја чукнувале да седи дома, да не шета. Потоа најблиските оделе со јадење кај момчето. Свекрвата í давала кошула на невестата и на врата чекала дали е чесна или нечесна. Свекорот ја наградувал чесноста со франги. Ако не е чесна, во понеделникот опрегачот, футата што ја носи и ја ставале наопаку и ја праќале на кладенец да биде понижена и исмеана. Невестата носела огледалца и на сите најблиски од зетот им давала вода од бардето. На враќање оттурала до дома вода, обележувајќи го патот да знае каде оди. Дома зетот преградувал со дрвца на вратата. Преку преградата му потурала вода да ги измие рацете и го дарувала со крпа да се избрише. Потоа зетот ја пуштал да влезе.

Се одело на големо (кај свекорот) првиче и мало (кај невестата).

Мариовците се женеле и мажеле со стројници со благослов од родителите. Ретки биле неморални и бегалки. Давале само збор со најблиските. Веридби немало.

Loading