ЈАЗИЧЕН АГОЛ 3 МЕЃУ КОРИЦИ

Ивчески објави книга на 84 години

Во издание на Зенит излезе од печат третата книга Јазичен агол 3 на Благоја Ивчески. Печатењето го помогна финансиски Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија во соработка со прилепската асоцијација.

Не му тежат годините на неуморниот бележник на неправилностите во говорот. Ивчески честопати се вџашува од загрозеноста на употребата на македонскиот литературен јазик. Затоа даде уште еден придонес за правилно користење. Во книгата се поместени сто различни забележувања на неправилното користење и експлоатација на јазичните норми, објавени во неделникот Зенит. Ивчески апелира на круцијалното значење, особено во овој период, на почитување на критериумите и речникот на македонскиот јазик, бидејќи тоа е коренот, темелот на нашиот идентитет. Според него, јазикот треба да се чува повеќе од зеницата во очите.        

-Она што плени веќе при првото читање е едноставноста со која авторот нé води во примерите за погрешната употреба на зборови кои не се македонски. Со н еверојатна леснотија и пристап во одбирањето, земањето и обработувањето на секој еден поединечен пример на грешка, употребена во македонскиот јазик ги открива грешките – пишува рецензентот Д-р Роберт Велјаноски.

Ивчески постојано се грижи за чистотата на македонскиот литературен  јазик, соработувајќи со повеќе весници и списанија. Круна се двете претходни книги со наслов Јазичен агол 1 и 2. По книгата Сеќавања во деветтата, ова му е четврта книга.

– Секој еден пример во книгата е земен од секојдневието, дали е коментар на јавна изјава во медиумите или дијалог од маалската продавничка, дали е некое намерно искористено сеќавање на некој дамнешен разговор… Сите примери се живи, автентични и, за наше големо жалење, точни и до ден денес јазично не решени, односно уште се повторуваат како грешки при употребата. Ивчески го задржува “анегдотскиот” пристап во поставувањето на јазичниот проблем применет во неговите предходни книги. Книгата е составена од “кратки приказни”, честопати проткаени со многу духовите коментари и ситуации за погрешната употреба или злоупотреба на некој збор. Исклучително е приемчива за секого. Иако “научноста” не е во прв план, јасно е големото познавање, стручност и компетентност за проблемите кои ги обработува ова дело.

Ивчески не застанува со забелешки, што секојдневно ги правиме сите во  разговорите и пишувањата, заборавајќи или не внимавајќи дека не го зборуваме правилно  македонскиот  литературен  јазик.

Во неделникот Зенит, тој понатаму укажува на грешките на ТВ или во било кој весник, преку радиото, во насловувањето на фирмите на продавници…

Ивчески е роден во 1938 година во селото Смолани, а одраснат е во Прилеп. Минал 40 години низ повеќе ликови како актер во театарот. За театарот превел над 20 драмски текстови од српски и бугарски јазик. Се занимавал и со режија, посебно со млади актери. Двапати е наградуван за актерски остварувања на Театарските игри “Војден Чернодрински”. Добитник е на Третоноемвриската награда на Прилеп. Во 2008 година се закити со највисокото признание, наградата за животно дело на 43-тото издание на МТФ “Војдан Чернодрински”.

Loading