ГУШЕЊЕ ВО ПРАШИНА СРЕДЕ В ЦЕНТАР         

Во прашина се дават жителите на улиците “Браќа Ламески” и “Киро Пајмакоски” неколку месеци, додека возачите се нервозни, оти движењето на овие улици наликува на умешно возење на трка на автомобили, поради дупките. “Пука филмот” кога бандашот ќе удри во дупка, небаре мал кратер, и ќе се оштети возилото. Капак е густиот сообраќај со паркирани возила на тесните улички околу чаршијата. Жителите се жалаат дека не им се овозможува право да дишат чист воздух. Затоа прозорците “нон-стоп им се под клуч”. Се плашат дека летово ќе се капат во пот и горештина поради прашината што се крева со минување на секој автомобил. Дури на некои со загрозено здравје на дишните патишта им се закануваат посериозни здравствени последици, дури и да страдаат.

Локалните власти презедоа активности за санирање на овие сообраќајници, вклучувајќи и дел од соседниот крак на улицата “Јоска Јорданоски”. Но, нема нова асфалтна покривка по неколку месеци откако коловозот е подготвен. Никој не соопштува на што се должи одложувањето на асфалтирањето. Ако пред неколку месеци можеби држеше оправдувањето дека не е дојдена сезоната за активирање на асфалтните бази, (кога е сезона за асфалтирање во Сибир?) наскоро и новиот асфалт ќе се топи од високите температури. Никој не се чувствува одговорен  и храбар да каже до кога на дел од граѓаните ќе им се загрозува правото на чист воздух, здрава животна средина, и тоа сред в центар.

Ами периферијата…

Loading