РАБОТЕНО Е ЗАКОНИТО

ДАРКОВСКА ДЕМАНТИРА

Поранешниот директор на ОУ “Добре Јованоски” Сузана Дарковска го демантира текстот со наслов “Реални, законски или ненормални трошења”, објавен во Зенит на 22 април. Таа пишува – “Пред да преземеме законски дејствија за заштита на личноста пред надлежните судови и институции, замолувам да го објавите демантот на сето тоа што е невистинито и тенденциозно објавено”.

Според новинарските правила и етика, очекувала да се побара изјава од засегната личност и да се проверат наводите кои некој ги предочил како вистини. Тоа не е направено, што, според неа, претставува соучесништво.

Според Дарковска, во текстот се поместени многу обвинувања за нејзината работа како директор од 17.11.2017 до 16.11.2021. Оценува дека повеќе наводи се инсинуации и лаги, неосновани и непоткрепени со докази, разбирајќи ги како обид за девалвација, клевети и невистини на професијата што ја обавувала.

Во делот од текстот за чистење на јолуците од зградата на училиштето и за потрошени парични средства Дарковска пишува дека за постапката бил објавен јавен тендер. После законските рокови е потпишан договор за одржување на училишната зграда. За подетални податоци за тоа дека целата постапка е изведена во согласност со законот има договор бр.05-643/1 од 26.10.2021 година. Во членот 3 од договорот стои дека важноста е 90 дена и може да заврши пред овој термин, ако биде целосно исполнет. Исплатената сума за чистењето на јолуците е јавно достапна и нема никакви скриени интереси.

За наводните трансфери на лична сметка на директорката, таа пишува дека имало одлука од училишниот одбор на 10.09.2018 година. Таму детално е образложено на што се однесуваат тие парични трансфери.

За трошоците за наставни средства и помагала Дарковска демантира со објаснување дека соо задолжение на МОН врз основа на наставните програми од Бирото за развој на образованието, училиштето беше обврзано да набави наставни средства според новата концепција од 1 до 4 одделение. Појаснува дека станувало збор 365 ученици во 14 паралелки. Парите се добиени од Локалната самоуправа. Набавката се изврши преку тендерска постапка за што постои документација со испратници и други документи. Набавените средства беа евидентирани, средени и оставени во дневниот престој.

За синтизајзерите дека наводно биле тешки за наставникот по музичко образование, напоменувам дека се за наставниците во прво и четврто одделение по новите програми и факт е дека тие инструменти се професионални.

Наставните помагала за физичко образование се наменети за прво и четврто одделение, а делот од четвртото оделение беа однесени во подрачното училиште.

Сузана Дарковска

Loading