КУЗМАНОСКИ: ПРВО ИЛИ ВТОРО МЕСТО Е НАШАТА ЦЕЛ!

Ракомет: Плеј-аутот е борба за опстанок на Прилеп

Машката ракометна екипа Прилеп веќе осум години без прекин е во елитната Супер лига, а желбата е низата да продолжи. Услов е да се постигне опстанок во плеј-аутот, фаза којашто за прилепскиот тим започнува в недела со мечот кај Скопје. Мошне важен дуел против екипа што ја води жена – прославената ракометарка Андријана Будимир. Тренерот на Прилеп, Горан Кузманоски – Таста, смета токму сега неговата екипа треба да ја има највисоката форма.

– Интересна битка. Тешка задача за нас, но верувам дека ќе извлечеме позитивен резултат. Во групата од плеј-аутот сме пет екипи, со оглед на тоа што Металург е отстранет. Така, нашата борба е за првото или второто место, што значат директен опстанок. Поради зголемениот квалитет во лигата, опстанокот би претставувал скалило погоре во споредба со лани. Оттука, многу битен дуел е овој во Скопје, каде освен повредените Сашко Манчески и Владимир Трајкоски, сите други се на располагање – вели Кузманоски.

Во плеј-аутот се уште екипите на Пролет, Струга и Радовиш.

Што се однесува до Купот на Македонија, во борбата за влез во полуфиналето, во средата Прилеп – Еурофарм Пелистер (22:38).

Женско пелагониско дерби

Интересно е во плеј-офот од женската Супер лига. За разлика од лани, сега има понеизвесни натпревари. Прилепскиот тим Деспина уште има шанса за повторување на претходниот успех – петтото место и пласманот во ЕХФ европскиот куп. В сабота (18,30 ч.) во салата Ричко е пелагониското дерби со Пелистер. Моментно Деспина е шеста со 5 бода, со оглед на поразот од Ѓорче Петров во Скопје.

На врвот од табелата Ѓорче Петров и Куманово имаат по 17 бода.

Loading