КОЈ Е ПРОБЛЕМОТ НА ПОБЕДА?

Фудбал: Минусот е четири бода

Сé, освен победа на Победа тешко може да прифатат симпатизерите на прилепскиот клуб во Втората лига – Исток. Реми (1:1 со водство во 29. минута преку Филип Димоски и примен гол во 92. минута од Андреј Јаневски) дома со Кожуф е вистинска сензација. Очекуван беше триумф со повеќе гола разлика. При 1:0 имаше ситуација за пенал при стартот на Христијан Бејков врз Бојан Спиркоски, но, според судијата, немало фаул. Кога се чекаше крајот, гевгеличаните израмнија.

Симпатизерите на црвено-белата боја се разочарани. Зошто фаворитот број 1 не може да им избега бодовно на конкурентите, да биде највисоко на табелата? А тоа се најави пред стартот на првенството. Низ градот, низ дискусиите најчесто се спомнуваат финансиски проблеми, иако тоа никој јавно не го изнел. Дури се зборува дека имало кандидати за влез во клубот да се средела состојбата. Засега тоа се шпекулации. Треба да се почека што од тоа ќе излезе на виделина. Иако изгледот на табелата е лош, шанси за првото место уште постојат со овој, несомнено, квалитетен тренерски и играчки кадар.

В недела е гостувањето кај Детонит, тим кој во Прилеп есеноска загуби само со 1:0,  во Радовиш изваде 0:0.

Табела: Слога 42, Победа и Беласица по 38, Саса 37,  Осогово 26, Кожуф 23, Пехчево 22, Детонит 20, Братство 13, Локомотива 6.

Беласица на Могила

Тимот на Братство загуби со 1:0 од Саса во Каменица, но даде силен отпор. На ниеден ривал не му е гарантирана победата. Така и в недела (15 ч.) на Могила со Беласица. Струмичаните веќе имаат доживеано “стрес” на овој терен, есеноска по ремито 1:1.

Loading