ПОБЕДА ШТОМ СЕГА СЕ ИЗВЛЕЧЕ, И НА КРАЈОТ ТРЕБА ДА Е ПРВАК

Фудбал: Втора лига – Исток

По се изгледа најзначајните пет дена за Победа беа од вторникот до саботата, кога се одиграа 14. и 15. коло од Втората лига – Исток. По поразот дома од Слога, оставка поднесе тренерот Дарко Крстески и, се чинеше дека есенскиот дел предвреме е завршен во полза на Слога, од јавноста прогласена за првак и Саса, второпласирана. Но дека невозможното станува возможно се уверивме во последните кола. Слога оти има сопствени слабости се виде по киксот дома (1:1) со аутсајдерот Детонит, а Саса ремизира (0:0) на дербито со Беласица. По ова, прилепскиот тим од трето се крена на второ место. Во последното коло Победа немаше тешка задача, дома со 4:0 (стрелци: Игор Момировски, Бојан Спиркоски два и Давид Јошески) ја совлада Локомотива, па се следеше и резултатот од дуелот во Струмица, каде уште во првиот дел беше јасно дека Беласица оди кон триумф над Слога, на крајот со високи 3:0. Така Победа е есенски првак, со подобра гол-разлика од Слога. Доколку на конечната табела овие екипи имаат ист број бодови, тогаш прва би била Слога, подобра во меѓусебниот биланс. Затоа од Победа, предводена од новиот тренер Димитар Капинковски, напролет се очекува да се издвои бодовно на лидерското место. Првенството продолжува на 19 февруари со мечот Братство – Победа.

Братство иако загуби со 1:0 од Кожуф во Гевгелија, го задржа претпоследното место на табелата.. 

Табела: Победа и Слога по 32, Саса 31, Беласица 28, Кожуф 20, Кит-Го и Осогово по 19, Детонит 16, Братство 7, Локомотива 6.

Тренинзи до Нова година

Есенскиот дел заврши, но тренинзите на Победа не престануваат. Тренерот Капинковски одлучи со работа да се продолжи до крајот на годинава. Целта е да се вклучат повеќе младинци од Школата, да се прошири играчкиот фонд. Во зимскиот преоден рок, од 15 јануари до 11 февруари, се очекува доведување неколку засилувања.

Loading