ЦЕЛ ПРИЛЕП ИЗЛЕЗЕН НА ПЛОШТАД ЗА ДА СЕ РАДУВА СО ФУДБАЛЕРИТЕ

Живот: Спомени на синот Гоце Келтане за себе и за таткото Благоја

– Амалот Пижо цело време го носеше татко ми на рамења – се сеќава Гоце

За убаво расположение убаво е од суровата сегашност да се побегне во некои минати славни времиња. На тоа не поттикна една стара фотографија од Спортското друштво ,,Гоце Делчев,, на сограѓанинот и сестран спортист Ристо Димоски – Картуш. На неа се претседателот, тренерот и првата постава од 11 фудбалери, водена од прочуениот голман Благоја Келтаноски – Келтане. Син му Гоце Момироски раскажува за татко му и за сопствената фудбалска кариера.

– Јас Момироски, а татко ми Келтаноски, оти нема семејство без прекар. Според некој дедо Атанас бил келав и го завикале Келајо Тане. Оттука и Келтане. Татко ми беше Момироски во сите документи, но новинарите го пишува Келтаноски. Така остана до крај. Татко ми смислил еден мајтап. Кога бранел добро го пишувале Келтаноски, а кога бил слабо – Момироски. Го добил и голманскиот прекар – Жолтата Мачка. Противниците се плашеле и велеле: Жолтата Мачка брани, тешко нас – објаснува Гоце за прекарите.

Фотографиите и снимките се вредни. Колку постари, толку повредни. На една слика го гледаме Благоја Келтаноски со актерот Петре Прличко. Многу добри пријатели. Прличко во Прилеп секогаш го барал Келтане за муабет. Погледот се задржува на матна најстара слика, каде Благоја е дете во голманска опрема. Омал се определил за голман. Роден бил за голман. Со 14-15 години бранел на натпреварите во дворот на Тутунскиот комбинат. Слики, слики цела вреќа. Го гледаме како прави паради, но многу се матни. Немало техника да се фати миг во движење. Постои црно-бела снимка од тогашната ТВ Скопје каде на 48 години Келтане се фрла по топката, успешно како да е во младите години.

– Кога бранеше бев многу мал. Роден сум 1954 година. Се сеќавам на 1959 година кога Победа првпат влезе во Втората југословенска лига. По победата во Приштина, екипата се враќаше дома. Полно народ се насобра да се радува со играчите.  Имам една слика. На неа е популарниот амал Пижо, Ромот, како што го знаеја сите татко ми, така и него. Беше како некоја знаменитост, имиџ на градот. Тој го носеше татко ми на рамо на плоштад. За да видам сé отстрана убаво, дедо ми ме носеше мене на рамена. Еуфорија – зборува низ детали Момироски.

Генерација за сите времиња, за почит. Победа од тој период има добиено имиџ, популарност, како некое чудо. Како за фудбалерите на мостарски Вележ што ги завикале “роѓени”, така и прилепските фудбалери “родени”. Родени да играат фудбал. Си спомнуваме за Димче Москоски – Малако, Миле Најчески, Киро Здравески, Орде Ристески, Бранко Буштрески, Димче Конески, Никола Цицоски, Кирил Трајкоски, Ристе Трајкоски, Атанас Камчески и уште многу други истакнати соиграчи на Благоја Келтаноски. Генерација за која се зборува дека играла од љубов, за слава, а не за пари.

– Фудбалот е сфаќан како забава. Од него пари не печалеле. Задоволството било големо. Едно потчукнување по рамо. Тоа било сатисфакција.  Се чувствувале дека вредат во општеството, дека се заслужни за промоција на градов. Не носеле пари во семејствата. Играле од срце, од љубов. Почнале како забава и стасале до да го претставуваат градот. Одговорност. Секаде по медиуми, по весници се споменуваат Победа и Прилеп. Тоа било голема афирмација – смета Гоце.

Прочуен голман, а за фудбалот дома ниту збор. Можно ли е? Толку мечеви, толку одбранети удари, многу почести, а дома ништо. Најдобриот голман не сака да го наметнува фудбалот во семејствотого. Сака обичен живот. Сакал синот Гоце да биде што подалеку од фудбалот. Разбирливо, од аспект на голман кој на секој тренинг или натпревар да се фрла по топката да го спаси голот, жртвувајќи се себе си, ризикувајќи добивање сериозни повреди. Не еднаш настрадале рацете, нозете, прстите, главата, носот…

– Кога ја почнував кариерата, немав дозвола да играм. Требаше само да  учам и да се посветам на студиите. Но желбата да спортувам беше огромна. Почнав фудбал како татко ми во Тутунскиот комбинат, оти живеевме во тоа маало. Работниците кога имаа пауза, играа фудбал. Нé викаа да играме со нив. Некогаш бев голман, бранев. Имаше турнири по основните училишта. Скришно играв и ракомет. А татко ми упорно велеше – спорт никако. Ни одбојка не ме пушти да играм. Последно беше во ФК 11 Октомври во подмладоко. Кога ме виде таму, ми рече да се префрлам во ЗИК Прилеп, кој беше во Републичка лига. Конечно ми дозволи – вели за своите почетоци Гоце.

Младиот Келтане прво сакал да биде голман, но го бидувало за секоја позиција во екипата. Па се префрлил во нападот – центарфор.  Го зеле во подмладокот од Победа во силна конкуренција во сениорскиот тим со Дрвошанов, Глигороски, Трајков, Митрев… Во 1973 година му е првиот меч со ГОШК Југ во Дубровник. Победа победува на гости со 3:0. Важен триумф во квалификациите за останување во Втората југословенска лига. Од четири лиги се прават две. Од тој меч Гоце е незаменлив во Победа наредните пет сезони. Новиот достојно го наследува некогашниот Келтане.

– Сé играв, уште голман не бев. Бев халф и на гостување имав задача некој играч да чувам од противникот. По потреба полутка, крило… Постигнував голови. При една акција, топката ја запрев на градите, непадната од волеј ја шутнав од околу 18 метри, и го погодив горниот агол. Чинам дека тоа беше мечот со Работнички.  Такви натпревари беа многу. Го совладавме и Напредак од Крушевац со  5:1. Токму Напредак тогаш влезе во Првата лига. Не сакав да заврши мечот. Чудо, го растуривме. Сакавме да покажиме со дека сме неправедно игнорирани од фудбалските сојузи – ги издвојува најважните моменти од кариерата.

За разлика од татко му кој брани длабоко во четвртата деценија од животот, Гоце рано ја завршува кариерата, на 25 години. Токму тогаш кога треба да влезе во зенитот, кога најмногу се очекува од него. Се случува повреда.

– Беше зима. Игравме во Тетово со Тетекс некој Куп. Теренот каллив. Затрчан во спринт, 10 метра залетав во далечина. Се скина мускул. Не помогна ниту операцијата. Бев заедно со Јове Магдески во избор за Олимписка репрезентација на Југославија. Пропадна тоа, во најубавите години.

Додека има фудбал, градов ќе го памети фудбалското семејство Келтановци.

Одамна не одам на стадион

Момироски не се сеќава кој е последниот меч што го гледал на прилепскиот стадион. Одамна е. Неколку години по завршувањето на кариерата.

 – Ги дледав само значајните натпревари. Престанав да одам на фудбал откога почнаа деца ,,голомешиња,, да го водат спортот, особено Победа. Контакт со топка имале само во градинка и со бебиситерките дома – Гоце шеговито ја објаснува одлуката да не оди на натпревари.

Засилувањата биле повеќе ценети

– Беше многу тешко прилепчанец да игра за Победа. Силна конкуренција, со многу засилувања отстрана. Публиката, а и новинарите беа постојано ,,заљубени,, во надворешните играчи. Како да им се додворуваа. За домашните, немаше многу пофалби. Се сеќавам на еден натпревар Миле Талески со оценка 9 ме прогласува за играч на натпреварот затоа што на Глигороски му наместив три гола, друг новинар ми дава 8, а третиот не ме ни спомнува – дава пример Момироски.

Loading