НЕ ЗАМИНУВАМ ОД РОДНАТА ЗЕМЈА ПОРАДИ НЕСПОСОБНИ ПАРТИСКИ ПОЛТРОНИ

Жарко Стеваноски – кандидат за градоначалник од граѓанската иницијатива ,,Че вреди,, 

Посветени сте на правото и еднаквиот третман на граѓаните пред институциите. Зошто правник, адвокат, се вклучува во трката за градоначалник како независен кандидат, односно од граѓанскатаиницијатива ,,Че вреди,,?

Адвокатурата е јавна дејност која нераскинливо е поврзана со граѓаните која се должи на нивната кореспонденција со институциите. Познавањето на правото е основата за нормално функционирање на локалната самоуправа. Се вклучувам во трката за градоначалник затоа што имам можност тоа да го направам самостојно и независно од политичките партии кои системот го претворија во кородиран и нефункционален за граѓаните.

Интелектуалците од вашиот калибар ретко го оставаат ,,занаетот,, искуството и знаењето и тргнуваат во политичките води. Што ќе биде приоритет, ако ја освоите довербата и станете ,,татко на градот,,?

Адвокатската професија не е ,,занает,, ами начин на живеење. Подразбира самодисциплина и користење на правните можности на обезбедување на правна сигурност на заедницата. Созреав повеќе од доволно и сакам да поставам пример како треба да работи една локалната самоуправа, онака како што наложил законот. На таков начин ќе обезбедам правна сигурност за сите нас. Претендирам да го заменам овој нефункционален систем на јавните услуги кон граѓаните со едноставен систем што функционира во европските држави. Приоритет ми е професионализација на општинската администрација. Тоа е основата на функционирањето на општината.  Редно е да ставиме знак на еднаквост меѓу трудот кој вработените го вложуваат во приватниот сектор со оној на јавната администрација. Треба конечно да се свати како се вади лебот.

Бевте еден од жестоките противници на поранешниот градоначалник Марјан Ристески, односно припадник на ,,шарената револуција,,. Зошто ги напуштивте сојузниците од тоа време и во свој стил претендирате да ги освоите симпатиите на граѓаните?

Бев член на СДСМ од 2004 година. Од 2014 година активно се вклучив во партиските активности на СДСМ во Прилеп како член на правната комисија.  Анализирајќи ја локалната самоуправа водена од ВМРО ДПМНЕ и тогашниот градоначалник бев вчудоневиден од степенот на корумпираност и криминал во секој сегмент од локалната власт која низ годините не се ни трудела да ги покрие трагите од своето криминално работење. Дојдов до заклучок дека СДСМ во Прилеп со причина била опозиција во 12 години, односно со причина ги пропуштала можностите да го урне владеењето на ВМРО. Се уверив дека на потесниот круг функционерите од ВМРО и СДСМ заедничка цел им е да останат фактори од кои ќе зависат сите процеси во градот и без оглед дали биле на власт или во опозиција да се реализираат нивните бизнис интереси непречено.  Затоа никој од нив не одговара пред лицето на правдата. Имам можност да водам една ваква политичка битка и ја користам без око да ми трепне. Овој мој влог е инвестиција на обичен човек кој ќе покаже дали тука може нормално да напредува и живее или својот спас да го бара во другите држави далеку од тука.

Главно, граѓаните ги тангира инфраструктурата. И Вие ќе ги привлекувате со некои инфраструктурни проекти, со решавање на комуналните проблеми?

Секако дека не. Зарем остана прилепчанец кој уште верува во предизборни ветувања? Нашата граѓанска иницијатива ,,ЧЕ ВРЕДИ,, нуди суштински реформи во општинската администрација и јавните претпријатија, после кои локалната самоуправа ќе почне со реализација на основните инфраструктурни проблеми со кои се соочува градот и населените места. Значи, не ветуваме ништо, што не може да се реализира со четири годишниот буџет на локалната самоуправа кој е доволен да добиеме нормална и здрава улична инфраструктура, чист град, водовод и канализација во сите села, сериозна поддршка во спортот и културата. 

Релативно млад човек сте, полн со енергија, вештини и доста работно искуство. Каква е перспективата на младите. Ова прашање се должи на фактот што, особено во Прилеп, владее безнадежност, желба за напуштање на родното огниште и мигрирање на Запад?

Младите тука не гледаат перспектива. Ја нема. Младите тука гледаат како некадарноста предничи пред знаењето и како партиската послушност е услов за личен успех. Младите се изморени од чекање некој да ја запали ссветилката. Затоа заминуваат. Тргнувајќи од себе, ме фаќа инает кога ќе помислам зошто би требало и да заминам, поради кого, кој ме брка, како на своите деца во белиот свет ќе им објаснам дека некадарноста и неспособните инсталации од партиски полтрони успеале да ме избркаат од својот роден град и затоа тие не живеат во родното место? Тоа нема да го дозволам, пред сé, поради себе и семејството, а потоа и поради сите останати кои тука живеат, за инает, затоа што можам да се изборам и да не дозволам тоа да се случува.

Кое прво фајде ќе го имаат граѓаните ако станете прв човек на градот?

Најпрвин ќе покажам како се работело и како треба да се работи во вистинска смисла на зборот. Тоа ќе го сторам преку работата на општинската администрација. Ќе покажам како се работело, а на вработените во администрација како треба да работат во иднина. Со ова сум кажал сé што ги интерсира граѓаните.

Прилеп е тутунски град. Крвта на граѓаните ,,мириса,, на тутун. Како локалната власт како ќе им помогнете на тутунопроизводителите?

Ја знам сржта на маката на тутунопроизводителите, причините за нивната несигурност при вреднување на трудот и откуп на тутунот. Едноставно е.  Тутунопроизводителите се претставувани од здруженијата. Тие членуваат во сојузи. Министерството за земјоделство… утврдува кој од тие сојузи ќе биде репрезентативен. Репрезентативниот сојуз учествува во комисијата за верификација на мострите, влијае на утврдувањето на висината на откупната цена и учествува во процесот на откуп на тутунот со свои повереници. Најважното, тој сојуз добива процент од откупната цена за секој предаден килограм тутун. А како мислите дека до сега се добиваше репрезентативност на сојузот, ако не со пари, кои го збогатиле контото на некој министер за земјоделие. Проблемот е во репрезентативноста. За процентот од откупот на тутунот, Сојузот ги продава интересите на тутунопроизводителите и аминува пониска откупна цена или несоодветна процека… Решениети е во рацете на тутунопроизводителите. Тие можат сами да си помогнат. Тука сум да им го покажам патот. Во другиот дел помошта на локалната самоуправа ќе се сведува на формално правна и техничка поддршка во процесот на производство и обезбедување на просторни и технички услови за тоа, неспорно.

Кој е Жарко Стеваноски?

Роден е во 1982 година во Прилеп, сопруг и татко на две палави малолетни деца. Дипломирал во 2004 година на Правниот факултет при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј,, во Скопје. Повеќе од 9 години е самостоен адвокат. Сам си го вади лебот за себе и за семејството. Сака да живе со луѓе среќни како него со можност да ги прави среќни и насмеани.

Loading