ВЕЖБА ШАХ ДОДЕКА СИТЕ СЛАВАТ

Живот: За Прилеп игра „шаховскиот Меси“ Индиецот Гукеш

– Честопати на шахот му посветува и по 24 часа на ден

За јавноста презимето Гукеш ништо не значи, но за шаховскиот свет тоа е презимето на најголемиот светски шаховски талент. Како некогаш фудбалерот Меси, така сега шахистот Гукеш. Има само 15 години, а достигнато рејтинг-поени над 2600. Чудо од дете, велемајстор. И второ чудо – игра за ШК Прилеп! Сите го бараа, од многу клубови и држави, а тој во екипата на ШК Прилеп. За него раскажува нашиот интермајстор Тони Кироски, кој во Струга е во улога на интернационален судија.

– Доведен е благодарение на пријателствата со многу шахисти, особено со велемајсторот Александер Делчев од Бугарија. Тој е негов бивш ученик. Момчето ,,гори,, од желба да се докажува на разни силни турнири, како што е Европскиот клупски куп во Струга, што е пандан на фудбалската Лига на шампионите. Тука има можност да напредува. Многу други екипи настојуваа да го земат, но ние први постигнавме договор. Бевме најбрзи – вели Кироски, кој кога не е судија е капитен на ШК Прилеп.

Бидејќи е премногу млад, малолетен, дојде е заедно со татко му, кој му е менаџер. Секаде е со него. Му ја прави стратегијата, планот, распоредот на настапите. Води сметка за секој негов чекор. Од Осло, каде беше победник на силен турнир, преку Цирих слета во Скопје, а оттаму до Струга. Во хотелот Изгрев покрај светскиот шампион Магнус Карлсен, малиот Гукеш е главна ѕвезда. Освен на натпреварите, другпат тешко може да се види оти се затвора во хотелската соба.

Gukes– Откако нашата екипа направи подвиг, вистинска сензација со триумфот од 4,5:1,5 над норвешкиот Оферспил, се собравме на мала прослава во хотелот. Го поканивме и Гукеш. Тој дојде, се заблагодари на поканата, и одма се повлече во хотелската соба. Кажа оти брза да се подготви за претстојниот противник, рускиот велемајстор Петер Свидлер, со кого се сретна наредниот ден. Колку ли време му посветува на шахот? Вели дека честопати вежба по 24 часа на ден. Шахот е негов живот – раскажува Кироски.

Тешко се откриваат тајните на генијот. Индивидуалец е. Има свој ред на разни активности, шетање, игра, работа… Импонира психолошката подготовка, медитациите. Се затвора в соба и долго време нема контакти со никого. Во мислите му е единствено шахот. Тоа е неговиот свет. Што работи в соба, само тој знае. Според тоа како игра, шахистите велат оти неговата подготовка е врз сите елементи и фази од играта. Како да ги предвидел првите 20 потези и кога излегува на масата, останува само да ги повлече во партијата.

– Игра силно и многу брзо. Акцентот го става на преминот од средишницата во завршницата. Тука е најсилен. Во отворањето сите играчи се многу добро подготвени. Во финишот ги ,,меле,, противниците – смета Кироски.

Шахот е голема битка на 64 црно-бели полиња. Психолошка битка, со умот. Издржливоста не е само 90 минути како во фудбалот, ами и до 4-5 часа. Секој потег е од значење како натаму ќе се развива партијата. Секоја грешка, тешко се поправа. Некогаш се прекинуваат партиите, па продолжуваа наредниот ден. Некои шахисти земаат здив, стануваат, погледнуваат кон соседните маси барем малку да направат пауза до наредниот потег. Кај Гукеш ова го нема.

– Го гледав на мечот со Норвежанецот Кристијансен. Додека другите играчи одвреме-навреме прават одредена пауза, тој целото време го посветува на партијата. Како да е ,,закован,, за столицата. Можеби и тука лежи причината што нема распоредување на мислите и на другите партии. Концентриран е само на својата партија комплетно. Во третиот и четвртиот час има најсилни потези. Кој би можел да претпостави дека едно така младо момче од 15 години би можело да ги повлече – воодушевен е Кироски.

Како шахист голема светска ѕвезда, а како човек сосема обичен и скромен. Како и сите Индијци, многу пристапен. Така велат сите од ШК Прилеп, екипа многу складна и сложна, каде шахистите меѓусебе одлично соработуваат. Во таков амбиент совршено се вклопува и Гукеш. Кога треба, тој е заедно со екипата и подготвен да помогне на секого. Помошта несебично ја дава. Непосредно пред секој меч, прашува дали некому, на некој соиграч треба нешто да му помогне, а потоа се посветува на својата партија.

– На настапите цело време е со амблемите и ознаките, реквизитите на ШК Прилеп. Може да игра и за најсилните екипи во светот, но не му е срам, туку задоволство да ги носи знаците на нашиот клуб. Момчето остава така силен впечаток, што ќе остане во наше трајно сеќавање – подвлекува Кироски.

Ветил дека ќе го посети Прилеп

Имаше идеја Гукеш да биде гостин во Прилеп, градот на шахот. Да се прошета, да се поздрави со народот, да види дека во центарот има голема шаховска табле, која значи почит кон оваа древна игра, почит кон традицијата.

– Го поканивме да биде гостин во нашиов град, да одигра симултанка. Не е изводливо, оти веднаш по завршувањето на Европскиот куп заминува за Бугарија, каде има турнир со богат награден фонд. Вети дека при првата наредна можност кога е во близина, на Балканот, ќе го посети Прилеп – пренесува Кироски.

Toni Kiroski

Победува велемајстори

Нема страв од никого. Сака да игра со најсилните. Светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен не сакаше, па на негово место седна велемајсторот Себастијан Кристијансен. Гукеш победи, како и со австрискиот интермајстор Петер Шринер.

Ремизираше со големиот фаворит, рускиот велемајстор Петер Свидлер. 

Човек без име

Безмалку секаде низ турнирите го пишува како Гукеш Д. И на Европскиот клупски куп во Струга. Само презимето и првата буква од името. Тоа било вообичаено за шахистите од Индија. Се намачивме додека го најдовме името. Се вика Домарају. Треба да го запомниме добро, Домарају Гукеш. Затоа што е, како што велат, идниот светски шампион.

Loading