Археолозите ги завршија годинашните истражувања на локалитетот Врбјанска чука. Ископувањата беа насочени кон дефинирање на неолитската населба и на континуитетот во антиката и средниот век. Меѓу неолитските градби се регистрираа технолошките аспекти на архитектурата и содржината на структурите во нив, додека подоцнежните јами и евентуалните погребувања, се проучуваа во рамките на нивниот стопански, обреден и просторен карактер. Паралелно се вршеа и археоботанички анализи од меѓународен тим кој ги следи формите на исхраната во неолитската населба.
-Се прави реконструкција на активностите во градбите и на пејсажот што ја опкружувал оваа тумба. Со мултидисциплинарниот пристап се прави целосен увид во животот на првите земјоделски заедници што го населиле овој дел од Пелагонија пред 8 000 години – вели археологот Гоце Наумов, раководител на проектот.
На 29-ти август на локалитетот планиран е концерт на Љубојна.
Мултидисциплинарниот проект го реализираат Центарот за истражување на предисторијата, Завод и Музеј – Прилеп, Институтот за старословенска култура – Прилеп и Универзитетот во Базел.