ПЕРОТО НЕ МОЛЧИ, ТУКУ БОДЕ

Интервју – Тони Павлески – поет

-Авторот, покрај сé, ќе биде тој што ќе боде и опоменува за мракот со кој не обременува општеството

Toni 3

Тони Павлески е роден во 1970 год. во селото Небрегово. Завршил машински техничар. Со пишан збор се занимава од средношколските клупи. Објавил четири  збирки поезија и две хаику збирки. ,,Воскресозборие,, 2002 и ,,Икона,, 2005 г, ,,Воденицата,, – хаику, 2015 и ,,Говорот на љубовта,, 2018 г ,,Пред налетот на зборот,, 2019 г и ,,Полноќно сонце,, – хаику ,,2020,, .Објавуван е во повеќе позначајни македонски периодични гласила како што се ,,Стремеж,, ,,Корени,, ,,Тренд,, ,,Мравка,, – хаику и други. Негово хаику е застапено во ,,Антологија на светско и  балканско хаику,, , а е застапен и во збирката ,,Стихом говорим,, во која се поместени автори од сите балкански простори и во заедничката хаику збирка ,,Ќе  бидам хаиџин,,. Добитник е на повеќе први награди за хаику на меѓународното  списание ,,Диоген,, во конкуренција на 100 автори од целиот свет, списание кое излегува во печатена и електронска форма во пакет од босански и хрватски издавачи. Застапен е и во ,,Прилепското писмо,, издание од прилепски автори од повеќе генерации, а и во збирката ,,Поетски дијалози,, – прилепски автори преведени на хрватски јазик. За успесите на меѓународен план со хаику творештвото, во 2013 г. добитник е и на 3-то ноемвриска диплома на Прилеп. Негови стихови се преведувани на англиски, бугарски, романски и српско – хрватски јазик. Ж ивее, работи и твори во Прилеп.

Toni 4

Пред извесно време се одржа најновото издание на ,,Поетско Маркукуле 2021,,. Како еден од организаторите на традиционалната културна манифестација, какви се Вашите впечатоци?

-Со огромни напори на членовите на Клубот на литературни творци – Прилеп и со помош на Општината Прилеп, манифестацијата успеа да се одржи и годинава. Впечатоците се многу поволни. Насмеаните лица на седумдесетината автори кои настапија, а и нивните позитивни коментари (после средбата) ме прават да се чувствувам горд, што сум бил дел од организациониот одбор.

Зошто ,,Поетско Маркукуле, не се одржа ,,на Тронот кај Слонот,,?

-Наша цел и заложба секогаш е ,,Поетско Маркукуле,, да се одржи ,,на Тронот кај Слонот,,. Сепак годинава тоа не ни беше дозволено, поради пожарите, кои во овој период беснееја низ Македонија. Средбата се одржа пред Домот на културата ,,Марко Цепенко,,, каде голем број случајни минувачи, подзастануваа и уживаа во стиховите.

Го промовиравте и зборникот ,,Поетско Маркукуле 2020,,. Се чувствува ли нагорен од во квалитетот на објавените песни?

-Огромно е задоволството што сите автори кои настапија во 2019 година, се најдоа на страниците на зборникот. Во 2020 год. средбите не се одржаа, поради корона вирусот. Во зборникот, евидентен е напредокот на авторите и на нивните стихови, со кои се застапени. Квалитетот на зборникот е најмногу во застапеноста на различни стилови на пишување, кои зависат најмногу од возраста и начинот на прифаќање на пишаниот збор од авторот.

Автор сте на неколку збирки поезија. Негувате и хаику поетско творештво. Кога би направиле споредба, кој вид на поезија бара поголем творечки напор, или пак тоа зависи од инспиративниот момент?

-Автор сум на шест самостојни збирки, од кои две исклучиво со хаику творештво. Искрено, за мене поезијата не бара некој голем творечки напор. Од мое гледиште, едноставно авторот знае да го долови моментот кога ќе ги излее недрочените стихови. Посебно внимание и претпазливост се потребни при хаику творештвото, кое е исполнето со слики од просторот и моментот на случувањата. Дарбата е да се забележи таа слика и преку магијата на мигот, да се пренесе на хартија.

Lavri za poetot Toni Pavleski

Добитник сте на повеќе поетски награди во земјава и во другите балкански држави. Иако прашањево можеби не е благодарно, сепак, да ја задоволам сопствената љубопитност: Која награда Ви е најмила?

-Претешко прашање, но ќе се обидам да одговорам. ,,Најмила,,  може да се рече дека ми е наградата на Диоген списанието од Хрватско – босански издавачи, во кое што со своја хаику песна и циклус успеав да ја освојам првата награда во конкуренција на 400 хаику творби, од автори од 50 земји од целиот свет. Задоволство ми причинува и 3-то ноемвриската награда на Прилеп, мојата застапеност во Антологии на светско и балканско хаику и други награди.

Во поетскиот ракопис, според мое наоѓање, како да доминираат два мотива: мотивот љубов (љубов кон жената, љубов кон татковината, љубов кон природата, љубов кон родот…) и еден друг мотив што би го дефинирал како таговна компонента со изблици на револт по загубеното, заборавеното, напуштеното, откажаното?

-Не грешите, оти мотивот љубов секогаш ме исполнувал и ќе ме исполнува, сé додека тоа Бог ми го дозволува. Што има поубаво од тоа, да ја сакаш жената, да ја сакаш татковината, посебно оваа наша напатена Македонија. Таговните стихови произлегуваат од љубовта, поради загубеното или пак она што не сме знаеле да го зачуваме. Токму затоа, за да се зачува од заборав, го пренесувам на хартија…

Поконкретно, на што се должи тој ваш поетски револт?

-Револтот се должи најмногу на желбата, покрај сé, да продолжиме да љубиме. Љубовта останува да се памти во животот. Чувството на љубов и при најтешките мигови во животот, нé држи исправени и ни дава сила за напред.

Toni 5

Дали верувате во синтагмата дека уметникот е совест на општеството, или  можеби овој став денес звучи претенциозно?

-Повеќе би рекол дека тоа во денешно време звучи претенциозно. Искрено, (малку можеби морбидно) ова наше општество како да ја оставило совеста на маргините. Авторот, покрај сé, ќе биде тој што ќе боде и опоменува за мракот со кој не обременува општеството.

Член сте на Клубот на литературни творци Прилеп. Како функционира ова здружение и кои активности ги планира во наредниов период?

-Клубот годинава слави 10 години постоење. После ,,Поетско Маркукуле,, претстои подготовка за прославата на десетгодишното работење. Планираме конкурс за поетски и прозни творби за средношколците од нашиот град и посета на спомен домот на Блаже Конески во моето родно Небрегово за 100- те години од неговото раѓање. Планирани се и други активности, доколку дозволат проблемите околу злокобниот вирус.

Вреднувањето на уметничкиот труд во нашето оштество не е на потребното ниво. Што треба да се преземе да се подобри оваа состојба? Недостасува ли поголема самоорганизираност на творците, иницијативност и акција?

Вреднувањето на пишаниот збор не е на потребното ниво, како и во многу други дејности во нашето општество. Можеби тоа малку зависи и од нашата слабост,  да потропаме на институциите кои треба да ги забележат вредностите или пак како и во многу други области, успехот најмногу зависи од ,,врските,,. Можеби и Министерството за култура, треба повеќе да посвети внимание на самостојниот автор (се разбира доколку оцени дека вреди) и на авторите од ,,внатрешноста,,. Лани не постоеја прилепски автори за Министерството за култура. Жално, но вистинито.

Toni 6

Кои се вашите творечки планови и нови зафати? Ќе читаме ли ваша нова книга?

-Моето перо не молчи. Сé додека едно стебло пушта гранки и лисја, дотогаш и еден автор твори и твори. Подготвени се две нови збирки поезија, еден роман, раскази, драма и детска поезија. Се надевам дека Министерството за култура, годинава ќе успее да пронајде ,,нешто,,  во еден од моите трудови и ќе помогне да излезе пред светлото на денот. Можеби, на некој следен конкурс, ќе ме огрее сонце. Хаха.

Разговараше Петар Петрески

Loading