„ПОЗАДИНИ“ ОД БОЈАНА АРТИНОВСКА ТРПЧЕСКА

Изложба

Bojana izlozba

,,Позадини,, е тематската изложба од Бојана Артиновска Трпческа што ќе биде отворена вечерва од 19.30 ч. во ликовната галерија на ЦК ,,Марко Цепенков,,. Второто претставување содржи создавање на перформанс.

-Ги претставувам делата не со намера да најдам соодветна позадина за портретите, туку за позадините да пронајдам соодветни портрети. Случајните или намерните минувачи стануваат интерактивни учесници и дел од интенцијално дизајниран простор, со цел за момент да се соединат со позадината и да се соочат со себе си, имајќи го на ум сознанието дека ќе бидат фотографирани. Секој ја пронајдува позадината со која најмногу се препознава, односно елементот и просторната димензија со која се соживува. Делата се продолжување на животот, на творечката енергија. Вибрации во секое ново среќавање со делата, со секое ново застанување на разни модели пред платното. Набљудувачот станува свесен за сопственото делување и влијание во просторот и времето – вели Артиновска – Трпческа.

Викторија Димеска, историчар на уметност, забележува дека уметникот осознава дека уметничкото и естетското доживување на боите во една сликарска композиција предизвикува илјадници доживувања со разни сликарски техники и технологии.

– Љубовта и поврзаноста со портретот како постојан и чест мотив во творечкиот опус ја бодрат да истражува и на полето на фотографијата, користејќи ги фотографиите како предлошка за сликаните дела или цртежи. За фотографиите, подготвени се разни позадини кои í помагаат за колоритните композиции. Мотивирана од идејата, уметницата слика со леснотија и неверојатна брзина, обликувајќи ги платната со боја и претворајќи ги во концептуално автономни творби. Постепеното создавање на монументални и амбиентални дела инспирирани од просторот што го опкружува човекот, вода, воздух, оган, земја, метал и етер. Не само што истражува, туку обликува и ги претвора фундаменталните својства низ боени сензации на просторот. Бојана креира временски и просторни портали, што го вовлекуваат набљудувачот во одредена безвременска станица, дозволувајќи му активно да учествува во создавањето – вели Димеска.

Таа е соработник на НУЦК ,,Марко Цепенков,, и на Театарска работилница за изработка на костими, сценографии и шминки за повеќе претстави. Истражува и во полето на фотографијата.

Артиновска Трпческа е родена велешанка. Повеќе години живее и твори во Прилеп. Дипломец е на ФЛУ. Имала изложби во Крушево, Прилеп и во Ниш.  Член е на ДЛУБ, ДЛУП И на ДЛУМ.

Loading