ГИМНАСТИЧКИ ВЕЖБИ НА 87 ГОДИНИ!

Aleksandar Aceski 4Александар Ацески не личи на пензионер

Прави вежби на сите справи кај Игралиштето за вештачка трева. Небаре пердув, лесно, покрај младинци и деца. Никој не му обрнува внимание, оти изгледа  како рекреативец на 50-60 години. А има 87 години! Не е грешка.  Таму е секое попладне. Постарите го знаат оти цел живот работел во СОК. Се вика Александар Ацески, пензионер веќе 25 години.

– Шетам и вежбам откако станав пензионер. Во душата спортист. Како дете играв фудбал во маалотосо Педано (Бранко Петкоски). Се собиравме на ширинките да играме со крпени топки, а потоа кожни. Игравме и челик, куцкамен, со ортома, ѓавол, мижитатара… Се движам, оти не можам да седам на едно место – вели Ацески.

Пешачи секој ден по двапати. Наутро во 7.30 часот (во зима час-два подоцна), од дома наспроти стара Народна техника накај Тризла до Тутунскиот комбинат, ,,Егејска,, до Железничката станица, па по булеварот в пазар да пазари, и дома. Попладне околу 18 часот пешачи накај Гарнизонот, Баба, крај типските куќи, до Игралиштето со вештачка трева и до дома.

– До пред две години трчав по пет круга околу теренот кај базенот. Сега само пешачам и вежбам. На секоја справа ги бројам вежбите. Секогаш сум сам. Не чекам никој, оти не ми е сигурно. И други шетаат. Се среќаваме секојдневно. Ништо не нé запира, ни снег, ни дожд, само силно невреме. Кога имаше полициски час, шетам дома. Вртев во дворот 20 пати. Пет пати по скалите се качував и слегував во куќата на три ката. Доволно за кондиција – смета Ацески.

Активен е на домашната бавча. Под пластеник одгледува домати, краставици и пиперки…. Живот му е исполнет без здравствени проблеми.

-Здравјето ме држи. Натаму, сé е кај Господ – заврши Александар Ацески.

Скромно јадење

По кафеани не оди. Кога Победа беше прволигаш, меч не пропушташе и на Могила. Сега фудбал гледа само на телевизија. Скромен е во исхраната. Не јадел по ,,прописи,, туку по свој вкус.

– Пијам кафе сабајле со сопругата. Јадеме овесни снегулки, мед, млеко кисело или благо. Алкохол не пијам, само сок. Салатата е задолжителна со краставица и домат, покрај манџата. Кога ќе се вратам од шетање, јадам по едно јаболко и 10 ореви – го кажува редот за консумирање.

Loading