СО МАТЕМАТИКАТА ОТКРИВАШ И КРЕАТИВНО ОСОЗНАВАШ НОВО

Антониј Мијоски (26), постдипломец по математика во Стразбур, Франција

Antonij 1

Не е флоскула ако се рече дека за него математиката е песна. Дека бројките ги сака повеќе од буквите. Дека едноставно, роден е за математичар. Истражувањето во математичката наука го храни, поттикнува и води кон нови успеси. Живее за науката која го развива умот, ја подобрува логиката и го поттикнува расудувањето. Прилепчанецот Антониј Мијоски (26) е магистрант по математика во Стразбур, Франција. Го подготвува магистерскиот труд. Со математички жаргон кажано, голема е веројатноста да продолжи на докторските студии во Стразбур, а еден ден сонува да се врати во Македонија како професор на Универзитет, а во родниот Прилеп да отвори школа за математика и информатика. Претходно, математичко механички факултет, насока применета математика и информатика завршил во Русија, на државниот универзитет во Санкт Петербург. Таму бил 5  години, една година учел јазик, а 4 години студирал како стипендист.  

Антониј Мијоски знае само за математика. Уште од 4-то одделение одел по натпревари по математика, подоцна по физика и информатика. Во гимназиските денови ги жнеел сите награди на државни натпревари, а учествувал и на меѓународни олимпијади, во Колумбија и во Кипар, каде освоил бронзен медал.

Antonij 2

– Зошто математика?! Математиката ја доживувам како реалност позади реалноста. Таа е обединување на метаконцептите преку идеи што можат егзактно да се анализираат, сврзување на идеите и анализа на нивните својства и интеракции. Во математиката секогаш се бара обединувачкото во повеќе навидум различни нешта, изедначување на еднаквото и разделување на различното. Секако, способност за логично заклучување е важна предиспозиција, но не е доволна. Потребна е и креативност, да се чувствува математичката интуиција, да се знае точно каде треба да се постави фокусот. Не сакам повторување на концептуално иста работа. Предизвик ми е да откривам нови обединувачки идеи. Нешто ново кое што сакаш да го откриеш, дури и креативно да го осознаеш. Во математиката тоа е најважната карактеристика. Ако не си таков, нема што да бараш во математиката. Тоа ми е основата зошто математика. Видов дека од мал ме бидува за математика и тоа е исто фактор. Секој да го работи тоа за што го бидува. Ако не ме бидувало, можеби и не би ми било толку интересно – вели Антониј Мијоски, магистрант по математика во Стразбур, Франција

Генот бил пресуден. Одлучувачки. Љубовта и желбата за математиката ја разгорувале родителите. Математиката во семејството била небаре библија.

Antonij 3

– Како дете не можев тоа да го увидам. Но гледано од перспектива, дефинитивно двајцата родители Коста и Мимоза, кои се електроинженери, имаат голема улога во тоа како размислував и се надоградував. Ме бидуваше и за музичко. Свирев клавир. Сликите од концертите дома многу ги сакаат. Но, музиката во семејството не се гледаше како професија, за разлика од математиката. Убаво е да се знае да се свири, ама математиката повеќе ја гледав како предизвик. Треба да се одбере професија во која што ќе уживаш, да работиш, да се пронајдеш и усовршуваш. Одам по таа филозофија и така сум учен од мал и уште во средно сфатив дека тоа сакам да го правам. Мислам дека тоа е најдобриот совет што би можел да го дадам на средношколец, да се посвети на тоа во кое што ужива, независно дали тоа е наука, јазици, уметности или спорт, да се надоградува најпосветено и најкреативно што може, и да не се грижи многу за било што друго. Наградата ќе му дојде подоцна – објаснува Мијоски.

Сака да се надоградува, да стигне до границите на истражувањето на модерната теорија на веројатност. Такво надоградување му останува само во науката. Има мал дел во индустријата. Една година работел во фирма во Словенија. Сепак, продолжил во науката, бидејќи засега во тоа повеќе се пронајдува.

Antonij 4

– Магистерскиот труд ми е од Теоријата на веројатноста. Практично е доста нова и комлексна област во математиката со голема филозофска важност за целото човештво, бидејќи е основа за сосема поинаков светоглед од доскоро општоприфатениот детерминизам. Многу ми го смени начинот како го перцепирам светот. Чувствувам дека ја разбрав не само како математичка теорија, туку и како начин на живот. Затоа ја одбрав. Има и голема практична примена што е мошне важно. Во математиката има многу елегантни области кои што се и тешки концептуално и со нив се занимаваат врвни луѓе, но немаат никаква примена. Често се случува нешто да се открие сега, па да најде примена по 200 – 300 години. Теоријата на веројатноста е област која што има широка примена и сега, а нејзината примена само ќе се зголемува во иднина. На пример, собираме податоци за земјодлество, мора да направиме статистички методи за предвидување во иднина, да направиме план за развој на државата, како да се распределува буџетот, затоа се потребни податоци и планови за во иднина и сетоа тоа со Теоријата на веројатноста. Планот се прави врз база на тоа што е најверојатно, што значи мора да се вклучи и математиката, да се оценува ризикот, да се пресметува веројатноста на некакви начини со некакви модели, посложени или попрости. Се применува многу во банкарството, во економијата, во сите аспекти на водење на бизнис, во оптимизација на бизнис процеси, дури се применува и во спорстко обложување, па и во самото водење на спортските екипи. На пример имаме статистика за секој играч во екипата, има веројатносни методи со кои знаеш кој играч против која екипа најдобро би играл итн. Тоа е бескрајна област, тешко ми е да најдам област каде што не гледам нејзина примена – вели Антониј Мијоски.

CIMG3323

Раскажува дека Русија и Франција имаат огромна традиција во математиката и ја доживуваат како национален успех. Математиката и математичарите се најценетите научници. Математиката била на ниво на национална гордст. Франција е лидер во математиката во светот. Увезуваат математичари од секаде. Западните држави нуделе неспоредливи добри услови и стипендии.

– Не би сакал да заминам од државава. И првиот ден кога заминав за Русија, реков одам да соберам знаење и да се вратам. Уште сум на тоа мислење. Овде, ако си на докторски студии, треба и да работиш, оти се скапи студиите. Во Стразбур сакаат сто отсто да сум посветен, да извадам резултат од докторските студии, да го промовирам универзитетот. Плаќаат разумна француска плата со која може да живееш. Сето тоа за да учиш. Немам избор и се знае што треба да направам. Евентуално да го применам тоа знаење овде. Би било убаво да сум вработен на универзитетот во Скопје, на ПМФ каде би можел да го применам тоа што сум го учел. Еден од соновите што ги имам е да имам сопствена приватна школа за математика и информатика, за деца и за возрасни во Прилеп – вели Мијоски.

Сонува за модернизирана верзија на Гаус која беше позната школа за компјутери од неговите родители. Има желба знаењето да го применува во родниот град и во татковината.

ЗАДОЛЖИТЕЛНО МАТЕМАТИКА НА МАТУРА

Местото на математиката кај нас, во Русија и во Европа е различно. Според него Македонија треба да вложува во математиката како средство за унапредување на другите области, и како начин да се подигне општата разумност и преку тоа и самата држава.

– Треба да се развива математиката само како средство за развој за други науки кои се од централен интерес за државата, на пример за инженерство или економија. Математичарите во Македонија треба да бидат способни да обучат инженери или економисти на високо ниво, а математичкото истражување да биде во втор план. Истражувањето во математиката го унапредува човештвото. Не унапредува ниедна држава, посебно. Сметам дека лидерите на човештвото треба да го унапредуваат човештвото, а малите држави како Македонија, треба посебно математиката да ја користат како средство за исполнување на сопствени интереси. Тоа е на пример, за програмери, архитекти, градежништво итн. кои директно можат да помогнат во економијата на државата, а не индиректно преку математичкиот апарат на ново математичко истражување, па негова примена на нешто. Тоа е единствениот разумен став. Треба да се подобри нивото на предавање на математиката во училиштата и факултетите и да се стави поголем акцент. Понеопходна е од другите предмети. За многу луѓе тоа е последниот логички предизвик во животот. Продолжуваат во области кои не се поврзани со логичко размислување и математиката на матура за сите, би била бастион на логиката кој подоцна во животот би им се нашол – вели Антониј.

На годишнина од битката на Ножот

ПОРАЗВИЕНА ДРЖАВА – ПОГОЛЕМ ПАТРИОТИЗАМ

 Одморот му се совпадна со одбележување на 114 годишнината од битката на Ножот.

– Таа е најинспиративна битка на македонскиот народ за осамостојувањето. Го почувствував и како обрска. Меѓу загинатите 200 борци е прадедо ми, чичко на баба од мајка ми, Милан Петров. Сите масовно треба да одиме. Колку поразвиена државата, толку има повисоко ниво на патриотизам. Државата треба да се сака, да размисли секој за своите постапки дали чинат. Професијата да ја работиме најдобро што можеме. И на тој начин најмногу се сака државата. Да се почитуваат и симболите на државата кои моментно не се почитувани како јазикот, знамето, името… Тоа е нешто за што мојата и наредната генерација ќе треба да направи за да се поправи. Ова е голема капитулантска постапка. Додека така правиме, Македонија ќе пропаѓа и ќе оди надолу – вели Мијоски.

Loading