ПОГРЕШНО Е ОТСЕГА ДА МИСЛИМЕ ДЕКА СМЕ ВЕЌЕ ВЛЕЗЕНИ!

Фудбал: Дарко Крстески, тренер на Победа

– Прво да ја составиме екипата, потоа да чекориме кон целта – порачува тој

Pobeda

По утрото денот се познава, а според првиот собир се наѕира силата на еден клуб. На првата прозивка на второлигашот Победа, на убавиот зелен тепих од Градскиот стадион, се собраа триесетина играчи кај тренерот Дарко Крстески. Присутни беа и членовите на Управата, претседателот Емил Јанески, спортскиот директор Благоја Гешоски и најверните симпатизери. Убава атмосфера за најава за почеток на успешна сезона. Низ разговорите сите едногласни  – на Победа í прилега само првото место.

– Без разлика каква е ситуацијата во клубот, секогаш имаме високи амбиции. Ако сме во Прва лига –  излез во Европа, ако сме во Втора – пласман во највисокиот ранг. И најмладите играчи мора да ги навикнуваме на ова – вели Дарко Крстески, тренерот.

Објавени се имињата на тројца нови: Бојан Спиркоски е 26-годишен прилепчанец, со искуство од Чешка (Јихлава и Сокол), како и во повеќе домашни клубови – 11 Октомври, Турново, Брегалница, Лабуништа, Силекс и Велешта. Во Победа се враќа по 5 години. Игра како офанзивен за врска. Дарко Дигаловски е 24-годишен скопјанец. Почнал во Металург, продолжил во Еуромилк, Брегалница, Тиквеш, Кадино, Плачковица и Саса. Настапува како стопер. Игор Момировски е 20-годишен битолчанец, со настапи во Пелистер и Слога од Виница. Играч од средниот ред. Најавени се уште двајца – лев страничен и стопер. Празнината со заминувањето на напаѓачот Дарко Грозданоски ќе биде надополнета преку неготинецот Пепи Најдов, Давид Јошески, со Бојан Спиркоски и уште неколкумина во тој дел. Победа ќе има квалитетен тим.

– Сите нé гледаат како единствен кандидат за првото место. Внимателен сум уште од подготвителниот и преодниот рок. Прво да ја составиме екипата, а потоа чекор по чекор да одиме кон целта. Погрешно е отсега да речеме дека сме веќе влезени – смета Крстески.

Освен без Грозданоски, екипата наесен ќе биде и без стоперот Благојче Дамевски, кој ја заврши кариерата.

Стадионот украсен со реклами

Веќе се поставуваат рекламите на Градскиот стадион со кои се разубавува објектот. Така се добиваат финансиски средства за одржување и на стадионот и на клубот. Заинтересирани за рекламирање биле над 30 фирми. Се очекуваат уште повеќе. Има можност за разнни реклами од по разни цени.

По пет години конечно ќе има и публика на стадионот.

Loading