АЦУЛЕ ВО НЕЗАБОРАВ

IN MEMORIAMИн мемориам: Александар Забрчанец

Има луѓе што не се забораваат. Што оставиле трага. Таков е Александар Забрчанец – Ацуле, човек од фудбалот. Овоземниот свет го напушти на 74 години. По суспензијата од УЕФА во 2010 година, се повлече од јавната сцена, но неговата популарност не престана. За тоа говори една неодамнешна случка. Пред пандемијата, патуваше со воз од Скопје кон Прилеп. Седна до тројца непознати патници, велешани. Тие на прв поглед не го познаа и расположено си разговараа меѓу себе, па го вклучија и Ацуле. Некој прилепчанец го здогледа и свика: Ацулеее! Во тој момент велешаните ,,занемеа,,. Зарем е можно да седат во друштво со големиот Ацуле, прилепскиот Берлускони? До Велес го распрашуваа за фудбалот, за Победа, Перуџа, Парма, тоа беше за нив големо доживување. Ацуле од дете беше во Победа, како функционер од 1994 до 2010. Во државава ги донесе првите Бразилци – Жилсон и Оливеира, освои две титули шампион, еден пехар од Купот. Настапи 10 сезони во Европа, со 32 меча, од кои се паметат со Перуџа, Парма, Хамбургер, Митјиланд…

Додека постои Победа, ќе трае и споменот за Ацуле.

Loading