МЕБЕЛ ОД ПРЕД 70 ГОДИНИ БУДИ ЕМОЦИИ И ПРЕДИЗВИКУВА ВОЗДИШКИ КАЈ НОВИТЕ ГЕНЕРАЦИИ

Трајче и Стевка Фукароски ги чуваат спомените од претците

CIMG3292

Психолозите советуваат човек да не се врзува за предмети. Да не биде роб на емоциите. Но, има објекти, предмети кои биле дел од минатото, поврзани со разни случки и настани од живеењето. Старинска дневна соба уште чуваат Трајче (69) и Стевка (68) Фукароски. Има витриче, јајческа маса со шест столици, кревет со креденец. Мебелот е сопственост на родителите Илија и Зора Фукароски. Колку што е стар Трајче, речиси толку е и мебелот. Трајче е роден 1952 г., а од 1958 г. растен е кај тетка му. Но, иако е од минатиот век, буди воодушевување. 

– Собата е правена 1958 г. кај дограмаџија покрај река. Изработена е од ореово дрво, фурнирана е и лакирана. Победа се викаше фермата. Имав и фактура колку чини до динар. Собата беше гостинска. Никој не влегуваше во текот на годината, само мајка ми да ја подзачисти. Се пречекуваа гости. Двете врати се отвораа за Св. Илија, за името, за Талалеј, за Велигден, за Божик. За Св. Никола, ни беше славата. Салонот беше голем, имавме многу гости со риби летници кои тетка ми ги нарачуваше од Охрид. Ни дозволуваше внатре да влеземе како деца, ама ништо да не фаќаме. Кога ќе влезевме внатре, убајна. Немате претстава каква беше собата. Тоа беше гланц – објаснува Трајче Фукароски.

Снаата Стевка во куќата дошла во 1980 година. Помагала во одржување на собата, но главниот примат го имала свекрвата Зора која била витална и кибар жена.  

– Бидејќи сета беше од фурнир и не може со ништо друго да се одржува, ја бришевме само со сува крпа. Фурнирот и лакот не сакаат вода, ниту ракија. Само со сува крпа за прашината. Никакво средство не користевме. Ја затекнав убава собата. Ја суредувавме за именденот на Трајче. Меѓутоа, во неа не чекавме име, бидејќи донесов друг мебел во нашта соба. Свекрва ми беше жива до 1999 г. Мажена е 1938 година. Родена била 1914 година.  Беше чиста, пречиста. Свекор ми почина 1969 г. Пред празник а сама ја суредуваше собата. Ќе си земи, ќе си буцка. Џамој ќе избриши, имавме драпери ќе си ги намести, имавме кадифен прекривач, ќе си го постели каучот. Ќе замети, ќе избриши и собата ќе си биди чиста. И вратата ќе ја отворевме. Гостите не влегуваа таму, а по некогаш масата ја изнесувавме во салонот, ако немавме место во собата. Дури можеше, си ја чистеше собата. Откако почина, ја одржував и за име ја суредував. Не да биде затворена, туку отворена. И за веридбата на девојчето , за матурата за синот Илија, за дипломската, за родендени, секогаш собите беа отворени. Ја суредував собата еднаш месечно, џамој ќе избришам, прашина, ќе ја наредам. Си клавав мушама на масата за заштита кога немаше гости. Свекрва ми направи специјални навлаки за столиците да не се прашат. И каучот го покривавме. За именден ги вадевме навлаките,. На местото од мушамата стававме миле со вазна со цвеќе. Столиците околу собата, а не околу масата. Беше отворена како за гледање, гостите таму не влегуваа – вели Стевка.

Куќата е изградена 1902 година. Ја правел дедо му Никола, со брат му Ицо кои биле трговци. Имал и трет брат Илија кој бил најмал.

{AG}653/mebel{/AG}

– Во 1948 година се запалил оџакот. Потоа сета ја препокриле со нови керамиди. Сé е направено домаќински ептен. Мебелот не е руво, туку заедно го напрајле со татко ми. Тетка ми, односно, мајка ми беше културна жена. Во радио телевизија ја снимаа и раскажуваше како се омажила. Мене ме пушташе внатре, ама бев воспитан и не фаќав ништо. Имаше драпери, дебели пердиња сонце да не влегува да не белеат работите. Беше многу по плеталото и по везалото. Собата стоеше како музеј – вели Трајче.

Решиле да ја продадат куќата, а со тоа и стариот мебел. Во дворното место изградиле нова куќа, за нив и за синот Илија. Затворат една историја, спомен, минато. Тој и Стевка не можеле заради годините да ја одржуваат оти била голема колку касарна.

– Многу е тешка куќата за одржување. Зошто? Има многу пенџериња. Во една соба по 4 горни и долни, дупли. Има над 50 џамови, високи се, кога ги бришам горните нема каде да се фатиш. Беше многу ладна в зимо. В кујна готвам, па носам од кујната каде што седевме и ми беше многу тешко. Кога синот одлучи да гради куќа, бевме пресреќни бидејќи и нему ќе му помогнеме, ј да не се мачИ, а и ние. Во дворот имаше бавча. Чешма имаше. Не можеше да се засади ништо, оти керамидите ги закопале во бавчата. Имаш една круша и слива. Како невеста, пробав да копнам и излегуваа керамиди. Имаме многу спомени. Ама времињата се сменија. Мораше и куќата и мебелот да ги продадеме – вели Стевка.

Мебелот го огласуваат за продажба на Фејсбук. Сите коментираат дека е убав, одржан, сите се восхитени.

– Сакаме да се куртулиме за да не заврши на ѓубре. Нема каде да ја чуваме. Масата и столиците, ако некој сака може и одделно. Каучот башка, витринчето башка. Вкупно 600 евра. На каучот никој не легнал, никој не спиел, ниту дете се тркалало – вели Трајче.

– Мака ми е. Не ми се дава. Барем масата и столиците да останат за спомен, ама нема место. Ќерката Елена Фукароска Стојаноска која е доктор во Германија и специјализира гинекологија, сликана е во таа соба за веридбата. Носталгична е и вели, барем украсите да се задржат од баба í Зора – вели Стевка.

Се јавувале заинтересирани од Сараево, од Скопје. Ја барале за украс. Се надеваат дека купувачот ќе ја продлжи приказната, за нови мигови да се редат и нови настани на мебелот стар 7 децении.

Соба за фото сесии и филмови

Невести и зетовци се фотографирале надвор и внатре. За без пари. И пеачката Сузана Гавазова спотот за песната ,,Умирам по тебе,, го снимила внатре во куќата. Снимана е и театарската претстава Светилникот. Во салонот, собата и во едно кујниче. Синот Илија и ќерката Елена сликани се на балконот, пред скалите. Многу сликари ја промовирале старата прилепска архитектура која сега со новите сопственици ќе добие и нов изглед.

Loading