БОС В ПЛАНИНA, ОБУЕН В ЧАРШИЈА

Milan 1Милан Ѓорѓиоски (70), планинар во Планинарското спортско здружение “Козјак”

Оние кои шетале со Планинарското спортско здружение “Козјак” го знаат босиот планинар, собуениот човек. Популарен е по нозете, иако не се женски. Тој ги прекршува правилата на планинарењето оти не носи опрема, ниту и планинарски чевли. На 6 јуни на 24. традиционално искачување на  врвот Козјак (1747 мнв), Милан Ѓорѓиоски (70), кого прилепчани го викаат Мице, беше со куси пантоломи и бос. Оди бос в планина, а обуен в чаршија. 

– Имам искинато толку “гузерици” од шетање колку што немаат износено сите планинари во Прилеп. На крајот, и се враќаме на природата. И ова, сите ние што го преживуваме, сме во контакт со природата – започнува планинарот Милан Ѓорѓиоски.

Смешни му се конвенционалните новинарски прашања. Не сака да ги одговара, ги заобиколува. Од кога започнал да шета во природа, зошто ја сака планината… Ироничен е,  загадочен, на моменти духовит со одреден сарказам.  Заполшки мост му бил првата дестинација, на пет годишна возраст на тутун садење. Сака да ги прескокнува деталите. Интервјуто наместа станува напнато. 

-Таа приказна да ја прескокнеме, не е актуелна. Не е интересна. Еден сум од оние што се актуелни во светов, “сурвајвал”. Јас  сум нивни учител. Во секакви услови и секаде. На остров пуст сте преживеале? Друга приказна, одевме од Нежилово до Скопје преку Чеплес, Солунска глава, преку Караџица, пеш до Скопје. На Чеплес, со Иле Мингата им направивме јадење од печурки за 45 планинари. Успеав да ги нахранам, набрани и вешто подготвени. Тоа секој го може! – вели Милан.

Milan 4

За да се пешачи в планина, за да се изоди некој километар и бос, се е до умот. Што е тоа што на Милан му дава сила, и му е убаво, природно,  в чаршија обуен, а во планина бос? Зошто?

– Јас не можам да ви доловам, да ви претставам со фондот на зборови кои ги користам. Треба да се доживее! Има една патека, од Волкосело, па лево кон Мечка, Шумкаров дол, кога ќе тргнете боси, сосема е поинаку. Поинакво е чувството. Не можам да ви кажам какво е! Треба секој да проба и на секој му поскаувам да проба. Барем еднаш! Дали сум единствен? На Олимп имам видено уште еден планинар, бос. Кога ќе ги сретнам луѓето и тие ќе речат, некогаш кога бевме деца, одевме боси. Им велам, оти сега не одите? Ами, дојдовме од Крушејца. Ами, во Крушејца можевте да одите боси, а на Плетвар не можете?! Во што е разликата. Тука е разликата! Јас не практицирам по асфалт во урбана средина да одам бос. И, ако мене ме прашате, на влечкиве има боцки, не е едноставна обувка! Урбаната средина ј ауништув априродата. Не е убаво пешачењето бос по асфалт – разјаснува Ѓорѓиоски.

Зарем него камчињата во природа го “галат”, убаво го “скокоткаат”?! Стопалата му се како сусијат, дебели, отрпнати?!

Milan 5

– Не ме скокоткаат. Ме боцкаат камчињата. На Маргара во двете нозе имав по 20 чички, закачив во двете нозе бабин заб (Трибулус Террестрис) што билдерите ги користат за снага. Дваесет овде, дваесет на другата нога. Газев, и на крајот се откажав. Се оди бос, таму каде што можеш да одиш бос. И во снег имам одено и секаде, ама тоа не е бесконечно. По срт ако можеш да одиш 20 метра, не можеш да одиш 20 километри. Ги оставам сандалките по пат и си одам полека. Ако не гледаш каде газиш, ќе се ѕвекнеш. Не пребирам. Упорен сум. На Клепа одиме и некои деца од Неготино викаат по мајка им: Дојди да го видиш босиот човек! Искрено велам, не треба мене да ме гледаат, би сакал луѓето вистински да почувствуваат што е бос одење – вели Милан.

Тој 22 пати бос се искачил на Козјак, на Вихрен, на Олимп Митикас, Кораб, Пелистер. Сето бос. Многу врвови искачил бос, а во километри не им се знае бројот.

– Ништо тоа не значи. Тоа не е мерка. Не ми е привилегија. Не сум посебен. Апсолурно ништо не ме прави поразличен од другите. Би сакал и другите да бидат боси, ама не сакаат и тоа е во ред. Сакам да натерам некој кој не ја сака природата, да стане планинар. Оти никогаш нема да разберат кои сме ние планинарите. Одевме на Олимп во јуни 1995-96г. Одам бос и една жена слегува. Маќедонски зборува и вели: Овие нозе ги имам видено на Титов врв! Големо задоволство ми беше што ја сретнав. Таа се воодушеви што ме гледа бос, а јас заради тоа што таа има 65 години и се уште планинари! Годинава бев восхитен на Козјак оти многу млади дојдоа од кои, две третини беа жени. Тоа е иднината на планинарството. Ако жените сакаат да одат на планина, мажите само ќе им се придружат. Има надеж – вели Милан. 

За тоа дека може секој се, раскажува приказна како успеал на островот Зларин пред Шибеник да научи белградска студентка да плива за еден час, а која имала страв од вода. Небаре е “истерувач” на стравови. Човек со кого може да се надминат најголемите фобии. Објаснува дека омилено годишно време му е есента, наспроти пролетта. Му личела на зрела, убава жена која знае што има и што дава.

Mladite clenovi vo PSZ Kozjak

Нé укори дека не сме го забележале дека носи маица со Санчо Панса и Дон Кихот. Иако ни раскажа анегдота за тоа како го барале Мигуел де Сервантес во Прилеп. На крајот од разговорот, за да се откажеме од пишувањето на сторијата ни рече дека сите новинари кои сакале или се обиделе да пишуваат за него, по неколку месеци починале! Наш предизвик за професијата и “жртва” за читателите.

Човек – жаба

Милан Ѓорѓиоски е пензионер. Дваесет години работел в болница во Прилеп. Бил нуркач.

– Бродостроен инженер сум. Имам 1 200 часа поминато под вода. Осум години бев поморски диверзант, луѓе жаби.  Бев некојпат командант – “кркач”. Јадев наеднаш 30 јајца пржени. Со над 420 падобрански скокови – додава Милан.

Не знае за болест и лекови. Не и го знае името на матичната докторка, ниту оди на превентивни прегледи по предлог на снаата.

sarvanoskiСтеван Сарваноски (67), претседател на ПСЗ Козјак

ТРАДИЦИЈА ЕДЕН ВЕК

Веќе три години претседател на ПСЗ Козјак е Стеван Сарваноски кој го замени претходниот претседател Методија Ризаноски.

– Мораше да продолжиме односно да почнеме да работиме онака како што предвидува статутот и правилникот на клубот Козјак кој е формиран 1938 гофина согласно со Програмата на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија. Добиваме насоки и ги прилагодуваме. Заради короната мирувавме, како и сите друштав. Традиционалното искачување на Козјак 24-то по ред, годинава е прва официјална активност. Имавме гости од битолското здружение “Турни ме да кинисам” и други рекреативци. Мина успешно и времето ни се погоди. Имаме календар на активности – вели Сарваноски.

Следната планинарска тура е в недела, 13 јуни, Орешките водопади високи 26 метри на Даутица над Орешка река. Легендата кажува дека некој си Бојан од с. Ореше, ги пасел козите на Даутица, но често пати го тепал јарецот кој го удрил во грбот и го отепал и заради тоа местото се вика Бојанова стена или Ѓаолова воденица.  Прилепските планинари први отишле и го обележале патот.

stanimirovicБојан Станимировиќ (24), претседател на Младинската комисија во Федерацијата на планинарски спортови

СТАНИ ПЛАНИНАР И БИДИ ИНФОРМИРАН

Член е на ПД Козјак од 2014 година. Завршил обука за планинарски водич.  Младинската комисија во Федерацијата на планинарски спортови го афирмира планинарството кај младите, едукација со цел безбедно планинарење.

-Заради пандемијата се поголем број не само млади почнаа да шетаат во природа и на планина. Не сите што шетаат се запознати и со опасностите на планина, која има и свои убавини. На 29 мај имавме инфо ден на плочникот со штанд со планинарска опрема, а младите врзуваа и по некој јазол. Индивидуалната прошетка е убава, но со планинарски водич и по маркирана патека повеќе се учи, се шират пријателствата и искуствата. Се одржа на Козјак и акција за качување на карпа со појас и јаже. Од 2015 година органзираме републички едукативни кампови. Во Стровија, Беловодица од 30- 50 деца, во Мрежичко во Кавадарци, а како комисија органзираме и регионални кампови – вели Бојан Станимировиќ.

Loading