Интервју – Дејан Наумоски – директор и сопственик на трикотажата Тритекс
Како Тритекс го минува последниот здив на кризата со пандемијата. Има ли сериозни последици?
Успешно се справи со кризата. Немавме посериозни последици. Применети беа мерките за претпазливост кои помогнаа во секојдневното работење.
Секое искушение е поука и предизвик. Што заклучивте од пандемијата?
Во една нова и неизвесна ситуација како пандемиската криза, очекувана е појавата на предизвици при работењето, кои ги надминавме без особени потешкотии. Позитивната страна е што можевме да се потпреме на нашите силни страни како компанија за полесно справување со пандемиската криза.
Ориентирани сте главно на извоз. Како се стабилизираат странските пазари?
Најголем дел од производството е наменето за странски пазар. Во тој поглед нема некои посебни промени. Веќе од вториот квартал од годинава имаме планирано покачување на капацитетот кое ќе трае се до крајот на годината. Се надеваме дека и за наредната година ќе се одржува истото темпо.
Традиционално, текстилците, конфекционерите, па и трикотажерите како вас, имаат проблем со работната рака. Каква е состојбата. Има ли квалификувани работници?
Познато е дека текстилот е трудоинтензивна дејност. Поради тоа Тритекс не запира со инвестирање во нова технологија која овозможува автоматизација и оптимизација на сите работни процеси. Технолошките новитети помагаат во зголемувањето на продуктивноста кај работниците. Продуктивноста е главна компонента во политиката на платите. Растот на продуктивноста кај работниците е главен катализатор за зголемување на надоместокот за вложениот труд.
Каква е перспективата на трикотажата Тритекс, развој, технологија, иднина, работници… Можеби размислувата на делумни експерименти и проби во други домени?
Се стремиме да бидеме во чекор со европските компании кога станува збор за следењето на технолошките иновации. Лани, за време на пандемијата, завршивме со дигитализација на целокупното производство, преку имплементирање на компјутерски систем во производствениот погон (Дигитал Продуцтион Цонтрол Сѕстем). Инсталиравме индустриски персонални компјутери на секоја работна единица, со чија помош сите производствени операции се следат во реално време, се оптимизираат работните процеси, што овозможува брзо и навремено наоѓање на грешки и нивно отстранување. На крајот од претходната година набавивме и инсталиравме нова машина за редење материјал и машина за автоматско кроење. Почнавме и завршивме со монтажа на фотоволтаична централа за производство на електрична енергија со капацитет од 160 КВЧ, чие пуштање во употреба е очекувано за почетокот на јули.