14 – то ЛЕТО ЗА ЗЕНИТ

zenit

Еден стих од позната песна на Бајага вели: Ги нижам годините како монистра од бижутерија до килибар, а по некоја и блескав брилијант. Така и Зенит. Поминаа 13 години како редовно излегува, а од 2 мај започна 14-тото лето како секој петок неделникот се најдува во рацете на верните читатели. Мачно, трнливо, напорно, но со цел на прилепчани да им понудиме информација која е траен запис за времето во кое го живееме. Печатеното издание останува.

Специфично и време и бреме. Една година човештвото се бореше со подмолниот вирус Ковид 19 кој косеше сé пред себе. Низ изминатите 50 броеви ја регистриравме пандемијата, замавот, искуствата, сториите на прележаните пациенти, статии за натчовечките напори, за во овој 650-број со задоволство да го означиме стартот на масовната имунизација кој значи живот и надеж.

И Прилеп веќе има регионален пункт за имунизација во кој се одвива аплицирањето на вакцините кои значат, не само лична заштита, туку и своевиден гарант за нормално одвивање на производствените процеси во фабриките, функционирање на институциите, пулсирање на културните настани. Не само за редакцискиот тим, туку и за секој читател задоволство е да се прочита радосна вест дека í се става крај на борбата со короната и дека Зенит заокружи 13 години постоење.

Нека е за арно, за убаво, за подобри и поуспешни времиња!

Loading