ОТСТАПКИ БЕЗ КРАЈ

pismo-2

На НАТО им беше важно влез на територијата, независно како државата се вика. Во ЕУ постои принцип на добрососедство, односно, секоја земја членка може тоа да го протолкува како што сака и да го блокира приемот или почетокот на преговорите доколку има отворени прашања. Тоа е патот до истребување и на последниот Македонец.

Ништо не може да нé изненади на овој полтронски Балкан. Соседите бараат, а нашите великодушно им овозможуваат и повеќе од тоа. Државата не ја чувствуваат како своја. Затоа раздаваат и земаат кој како ќе стигне. Мегали идеата на Грција, санстефанскиот сон на Бугарија и Призренската лига на Албанија се нескриените апетити на нашите соседи.

Од незнаење, неумеење и несакање да го чуваме тоа што го имаме, во меѓународните односи останавме без Македонија, без Македонци, без придавката македонски. А и без нашата антика, со можност и без историјата и јазикот наш македонски.

Читам на интернет дека ќе се одело на одмор во државата во која властите не го сакаат нејзиното име и нејзината национална припадност. Се срамам, навистина се срамам од сопствената држава. Државите ги следат националните интереси, а ние, ништо од тоа. Чудна е таа безалтернативност во глобален свет кој се променува.

Ние сме биле отворено општество, а отворено општество значи доброволно одумирање на државата.

Министерството за образование и наука ја усвои програмата за прво и четврто одделение, според новата концепција, односно наставната програма по предметот историја и општество. Тоа значи дека националната припадност Македонец ќе се сведе на етничка припадност, но националната припадност веќе се заговара како ,,граѓанин на Република С. Македонија,,. Со тоа се разводнуваат забетонираните националност и јазик. Дигитализацијата е јасна. Бришење на богатата македонска историја, бришење на колективната меморија, со долгорочни последици. Најповиканите го кажаа своето во однос на ова зло. Ароганцијата не е добар пријател на политичарите.

Љубовта и патриотизмот кон Македонија се наши вистински вредности од кои треба да се плаши секој наш недобронамерен. Дури и најдобриот шахист на сите времиња, генијалниот Боби Фишер при појавата на шаховскиот компјутер рече: ,,Компјутерот ќе го уништи шахот. Најприкладна е шаховската литература, а компјутерот може да биде само како помошно средство,,.

ПРИМ. ДР. Б. ДАМЕСКИ

Loading