ПОБЕДА НЕ МРДА ОД ОСМОТО МЕСТО

Фудбал: Четири месеци ни горе, ни долу

-Во борбата за опстанок – за 7 кола мора да се надоместат 6 бода

Pobeda

Беше одлично на почетокот. По првите две есенски кола Победа беше лидер на табелата од Втората лига – Исток. Ги совлада Кит-Го од Пехчево и Росоман. И – толку од, претежно младиот, недоволно искусен тим. Бргу тргна паѓањето, дури до 8 место. Таму е скоро 4 месеци. Не мрда ниту нагоре, ниту надолу. Нагоре не може, оти бодовниот фонд го зголеми само за 3 бода, а надолу оти, за среќа, има уште послаби од прилепскиот тим.

Победа кога губи, не губи со многу разлика. Ги мачи фаворитите. При последниот пораз (0:1) дома од Тиквеш, резултатот лесно можеше да биде поинаков, најмалку нерешено, ако судијата видеше пенал за домашните, доделеше црвен картон за груба игра на гостите… Фаворит е и следниот ривал, Брегалница во Штип. Можеби изгледа нереално, но за да се врати самодовербата добро е да се извади барем бод.

  Во пропозициите пишува: екипите на 10 и 9 место директно отпаѓаат, тимот што е на 8 отпаѓа ако отпадне еден прволигаш, а тимот на 7 место ако отпадне уште еден прволигаш – во оваа второлигашка група. Моментно, последна е Беласица со 14 бода, која, ако отпаѓа, оди во оваа група, а претпоследна Ренова со 24, која отпаѓа во другата второлигашка група. Загрозени се уште Силекс (26), Вардар (27), Академија Пандев (28) и Пелистер (29). Конечната табела ќе биде по 9 кола. Ако остане непроменета, Победа мора да го заземе 7 место.

Табела: Брегалница 52, Тиквеш 45, Кит-Го и Кожуф по 32, Осогово 26, Саса 25, Слога 22, Победа 16, Плачковица 11, Росоман 8.

Ништо не ги спречува

Прилепчаните се ,,уникатни,,. Не почитуваат за не присуство на трибините. Не можат без фудбал. И на мечот Победа – Тиквеш се наредија зад оградите. Од нив слушаме дека Управата на Победа ќе била засилена со нови членови, дека ќе имало и спонзори. Присуството на меч никогаш не е здодевно. Ем гледаш фудбал, ем секогаш наоѓаш некого за размена на информации и шпекулации.

Loading