СТРИПТИЗ ВО САРАНДА – ГРАДОТ НА 40-ТЕ СВЕТЦИ

ВО ЗЕМЈАТА НА БУНКЕРИТЕ

201814

На тесниот пат со серпентине, накитен со бетонски бункери, како реликти од реалсоцијализмот, автомобилот се движи на височините и панорамата е небаре слетување на авион. Така се стасува до Саранда, најјужниот град на албанскиот брег. Градот поздравува наутро со мирис на свеж леб од блиската пекарница. Во турбулентната историја, градот имал неколку имиња. Последното значење е град на 40 светци, потекнат од христијанскиот манастир Агои Саранда – Четириесетте маченици. Според легендата, Турците брутално ги убиле монасите. Црквата ги прогласила за свети.

Мал е градот во Јужна Албанија, но полн е со набиен сообраќај. На 20 илјади жители, лете им доаѓаат 80 илјади туристи и персонал во угостителските објекти.

Саранда е најважниот град на јужната ривиера на албанскиот дел од Јонското Море. Туристичкиот грчки остров Крф е на 14 километри. Поврзан со фери.

Домаќините се обидуваат да го направат неможно во прекрасната природа. Тешко се развива туризам без модерна инфраструктура.  Градот, што е круна на албанскиот туризам, се труди да се уреди симпатично. Медитеранскиот град цвета од растенија кои даваат посебен шарм. Полн е со цвеќиња, палми, орхидеи, хибискус и зимски цреши. Саранда вели добредојде со пријатна медитеранска клима. Долгото шеталиште долж плажата смирува низ песната на галебите и погледот на неколку километри подалеку од грчкиот остров Крф. Но, не тече мед и млеко. Потребни се години.

201816

Кога станува збор за хотели, врие од луксузни со четири – пет ѕвезди, но и пристојни за сечиј џеб. Покривите се декорирани со сончеви колектори за заштеда на енергија, оти Саранда има над 300 сончеви денови во годината. Инвеститор е дијаспората која се обидува да направи економско чудо.

Ноќевање со појадок во хотел со неколку ѕвезди е 40 евра. Поевтините хотели се околу 20 евра. Апартман покрај морето чини 50 евра. Од ќесето излегуваат 8 евра за две пластични лежалки и чадор за заштита од сонце на плажата. Медитеранската кујна не е скапа. Порција на дел од морските плодови не минува 10 евра. Пивото е прилично евтино, како и кафето со вода. Продавниците се полни со грчки и италијански стоки.

Покрај јавната плажа, има приватни под концесија. На пена парти во Африканскиот клуб, алкохолот се нуди на литар. Чадот од цигарите и марихуана се чувствува, оти се лесно достапни и евтини. Келнерката кажува дека во базените и приватните плажи доаѓаат многу Грци, заради ниските цени. Гостите си дозволуваат луксуз, коцкање, пиење, по некој џоинт и убави девојки. На тоа се троши многу. Саранда е летен рај за странците крај албанскиот пекол со плата помалку од 200 евра. Ноќниот живот е Содома и Гомора. Сведок е рекламата за танц на стриптизерки на плажа за билет од неколку евра. Ретко кој издава сметки.

201817

Во близина е античкиот град Бутринт, како и бројните песочни плажи од кои застанува здивот. Албанците веруваат дека Бутринт бил дел од Троја во античко време. Ѓирокастро е древен замок од 12 век на еден час од Саранда. Има околу 20 музеи. На списокот е на светското наследство. Интересно е тоа што е роден град на Енвер Хоџа, долгогодишен лидер на Албанија, кој владееше до 1985 година.

Сé на сé, неколкудневното патување е незаборавно искуство. Но, тешко дека човек би се вратил вторпат, засега, не поради предрасудите и негативните приказни. Албанија треба ,,сомуни да лапа,, да се доближи стандардите на нискиот туризам. Додуша брзо се движи. ,,Пустината на Балканот,, со ниските цени и понуда, сериозно им се заканува на туристичките велесили на Медитеранот.

201821

Loading