ДВЕ РАЛА ОБЕТКИ

ivce1На сите наши телевизии, често гледаме емисии за кулинарството. Разни јадења, рецепти, начини на приготвување и слично. Откако ќе заврши приготвувањето, водителката уште еднаш објаснува кои артикли се потребни за односниот специјалитет. Меѓу другото, таа вели дека требало и малку бибер. Од односната госпоѓа ова го слушаме често. Не потсети зборот ,,бибер,, на едно поодамнешно време (пред десетина години) во една продавница за прехранбени артикли. Имињата на артиклите и цените напишани на мали картончиња и залепени на производите. На едно место забележуваме: ,,бибер,,.

-Што е ова? – ја прашуваме продавачката.

-Па, ете, бибер…

-Ама навистина, не знаеме што е тоа.

-Бибер, она што се става како зачин. Има специфична миризба и малку лутникав вкус. Го има во зрна и во прав, мелен.

-Ааа, да не е тоа црн пипер? – се правиме божем сме се присетиле.

-Е, па, тоа де, – вели продавачката.

-Ами тогаш, зошто сте напишале бибер? И бабите наши го викаат црн пипер.

-Некогаш било така, ама сега ќе ни се смеат ако напишеме така – вели продавачката.

Веројатно и водителката во емисијата за готвење се има уплашено, си помислила дека ќе í се смеат ако рече црн пипер, па, ете, и таа вели ,,културно,, – БИБЕР.

Слична грешка забележуваме и во една од народните приказни кои се емитуваат по нашиве телевизии. Голем дел од приказните се преадаптирани, преправани, доправани. Гледаме една таква. Станува збор за човек кој бил непоправлив крадец. Најпосле паднал в затвор и престојувал таму повеќе години. Откако дошол на слобода веќе престанал да краде. Тоа оставило впечаток кај луѓето. Во еден разговор за тоа еден од личностите во приказните вели: ,,Сигурно таму убаво му ја забибериле затворската манџа,,. Неверојатно голема е желбата да се позајмуваат зборови од српскиот јазик. Еве и овде, лекторот сигурно се плашел да употреби некој наш израз за да не му се смеат, па употребил српски. Преносното значење на односната реченица е јасен. Сигурно крадецот во затворот бил подложен на строг режим и затоа и престанал да краде откако излегол на слобода. Имаме ние изрази за некои такви случаи. Ако некој претера во нешто, на пример во некој вулгаризам, ќе речеме дека ептен ја пресоли работата (не ја забибери). Ако некој бил, да речеме, измамен или измачуван, би рекле дека убаво му ја запржиле манџата. Можат да се најдат и други изрази. Инаку, да кажеме, дека латинското име на црниот пипер (или црнпиперот) е ПИПЕР НИГРУМ. Ние всушност, сме го зеле тоа име. Потеклото на тоа растение е од Азија. Тоа е дрвенесто, жбунесто растение кое се одгледува во тропските предели.

Во приказните среќаваме многу други грешки. На пример, именката ,,кондура,, веќе од поодамна се смета за архаизам (турцизам). Чевел е сега тоа. Но, ајде, тоа можеме и да не го сметаме за голема грешка кога се користи во приказните. Има еден збор, за кој одамна сме се изјаснувале дека е неправедно отфрлен. Тоа е именката – РАЛО. Едно рало чевли, едно рало опинци и многу такви. Сега сите велат ,,еден чифт чевли,,. Во една од приказните го среќаваме зборот ,,рало,,. Но, за чудо, именката се употребува како да е од машки род. Стануваше збор за обетки и за некои други предмети кои служат за украс. Не ги запаметивме сите. Се сеќаваме само на обетките. Еден од учесниците во приказната вели: ,,Два рала обетки,,. Прво си помисливме дека е тоа случајна грешка. Но, тоа се повтори повеќепати. Најверојатно лекторот мисли дека е тоа машки род – ,,два рала,,. Како би било ако станува збор за едно рало обетки? Веројатно – ,,еден рал,,. Убаво е што најпосле го слушнавме овој збор, за кој велиме дека навистина е штета што е непотребно отфрлен. Пак сме се повеле според српскиот израз – ,,један пар,,. Сега ние го преведуваме и велиме ,,еден чифт,,. Тоа е толку нелогично – ,,Купив еден чифт чевли,,. Зар може да се купи и тек чевли? Зборот ,,рало,, (именка од среден род) е најсоодветен во таквите случаи. Затоа, добро е што ја слушнавме таа именка која гласи – ДВЕ РАЛА, а не ДВА РАЛА.

Loading