НАЈМНОГУ – НАЈПОВЕЌЕ

ivce1Со очај можеме да констатираме дека прашалните реченици во нашиот јазик добиваат една испревртена структура. Никој, ама баш никој не обраќа внимание на тоа. Кога велиме ,,никој,, мислиме на она што ни се презентира секојдневно, а тоа се медиумите. Редовно, секојдневно читаме и слушаме такви реченици. Пред некој ден, со крупни букви, преку целиот екран читаме: ,,Што за Македонија и за Балканот ќе донесе новата политика на САД,,? Или: ,,Кога нашава држава ќе добие вакцини,,? Вакви реченици има многу и ги слушаме секој ден. Сме се изјаснувале повеќепати за овој проблем. Зар не знаат лекторите дека во прашалните реченици, по прашалниот збор треба да дојде глаголот? Можно е само некое кратко зборче или кратка заменска форма да влезе меѓу прашалниот збор и глаголот. Погоре цитираните реченици треба да гласат: ,,Што ќе значи за Македонија и за Балканот новата политика на САД,,? Еве, гледаме дека меѓу прашалниот збор ,,што, и глаголот ,,значи,, влегло краткото зборче, партикула ,,ќе,,. Следната реченица треба да гласи: ,,Кога ќе добие вакцини нашава држава,,? Рековме дека ова е редовна појава и никој не мисли за тоа. Сите го прифаќаат српскиот редослед на зборовите. Србите би рекле: ,,Када ќе наша држава добити вакцине,,? Таму, гледаме дека глаголот (добити) е далеку избеган од прашалниот збор ,,када,,. Ние се поведуваме по тоа без да размислиме дека тоа не е карактеристично за нашиот јазик.

Преводите во телевизиските серии или филмовите, повеќе прилегаат на скопскиот жаргон, а не на македонски литературен јазик. Синтаксата и таму е нарушена. Ќе наведеме неколку пример: ,,Не ме терај да си одам,, или ,,Не се дери толку,,. И многу, многу такви. А зошто да не биде: ,,Не терај ме да си одам,, или ,,Не дери се толку,,. Да не зборуваме за артикулацијата и акцентирањето.

Насекаде, во сите области, негрижа и грешки. Слушаме од новинарката: ,,Царовска била критикувана најповеќе за бришење на историјата,,. Еве, ,,најповеќе,,. Заборавила новинарката или никогаш и не знаела дека кај некои прилози компарирањето е неправилно. На пример, од прилогот ,,малку,, ќе речеме – малку, помалку, најмалку. Но со прилогот ,,многу,, не е така. Тука имаме: многу, повеќе, најмногу. Не можеме да велиме ,,најповеќе,, како што не можеме да речеме ,,најпомалку. Значи: ,,Царовска била критикувана НАЈМНОГУ (не најповеќе) за бришење на историјата,,. Не треба многу да се знае граматиката ова да биде јасно. Ама ете невниманието е секогаш присутно. Најмногу (не најповеќе) кај оние кои ни случајно не треба да прават вакви грешки. А грешките се редат, редовно, секојдневно, без престанок. Стана актуелна некојаси ,,Јавна соба,,. Се појавувале таму разголени фотографии на млади девојки.  Вака бевме информирани од сите наши телевизиски куќи. Еден новинар, или новинарка, не се сеќаваме точно, го одбрал зборот (придавка) ,,голишави,,. Зошто многу да мисли кога е тука, прирака, српскиот јазик. За ова и не треба многу да се мисли. Имаме е наши зборови – голи, полуголи, разголени. Тоа ,,голишави,, најмногу соодветствува на нашето – разголени, подразголени. Па, ајде, дури и во некои случаи – разгологазени.

Телевизиската серија ,,Преспав,, се емитува долго време. И тука јазикот не ќе да е баш македонски. Можеби и токму поради тоа и не ја следиме редовно. Се загледавме повнимателно во една од последните епизоди. Зборува еден од главните актери. Објаснува дека кога ќе се дотерал вака или онака, ќе бидел вистински – ЛЕПОТАН. Многу ли треба да се мисли за да се осознае дека станува збор за голема грешка? ЛЕПОТАН! Што значи тоа? Убав човек, нели?! Па тогаш зошто да не биде – УБАВЕЦ? Наш збор. Изведен од придавката ,,убав,,. Во женски род би гласело – УБАВИЦА. Но, во таквите случаи кај нас се прават уште повеќе грешки. Најголем дел од нашиве луѓе велат – ЛЕПОТИЦА. Чудно е, несфатливо, во таква серија, каде има и лектор, да се прават вакви грешки.

Loading