ПРИЛЕП КОН ТРИУМФ СО КЛУБОТ ОД ЛАЗАРОВ

Ракомет

RK Prilep

Викендов е стартот на плеј-аутот од Супер лигата, односно, борбата за опстанок. Учествуваат 8 тима: Тиквеш (Кавадарци), Работнички, Голден арт – КЛ 7 и Јуниор КВ (Скопје) Младост (Богданци), Радовиш, Астраион (Струмица) и Прилеп. Според пропозициите, првопласираниот останува во лигата, вториот оди во бараж, сите останати отпаѓаат. Претстојат неизвесни 14 кола.

Екипата на Прилеп е меѓу кандидатите за највисок пласман, поради покажаното есеноска во Б-групата од Супер лигата. Тогаш, со освоеното 5 место и 16 бода за малку не избори пласман во плеј-офот. За Купот, со убедливи 31:23 дома беше совладан прволигашот Аеродром. Но, претходните резултати не важат, и сé е од почеток. Затоа и во клубот сметаат дека ќе биде мошне тешко до целта. И конкурентите се со свои сметки – однапред никој не се предава. Првиот противник во салата ,,Ричко,,, скопски Голден арт КЛ 7, е клуб на легендарниот Кирил Лазаров. Есеноска, во А-групата го освои 4 место со 16 бода. За Куп со високи 45:19 го совлада Партизан во Гевгелија. Во преодниот рок не зеде ракометар, туку тренер – Игор Котевски, некогашен репрезентативен пикер. Од друга страна, Прилеп се засили со двајца на кои смета тренерот Горан Кузманоски: пивотот Александар Тренчевски и средниот бек Златко Везенкоски.

Женскиот тим Деспина сезоната ја отвора со гостување кај Чаир во Скопје, во Купот.

Loading