ТЕЛЕФОНСКИ РАЗГОВОР

ivce1-Ало! Телевизија ,,Сител,,?

-Да, повелете.

-Ве молам, дали можете да ме поврзите со лекторот?

-Молам, со кого?

-Со лекторот!

-Со кој лектор?

-Па, ве молам, јас не знам со кој, односно не знам кој е лектор и колку имате.

-Ама што барате? Јас не ве разбирам – одговара соговорникот.

-Ве молам господине, еве повторувам, сакам да ме поврзите со лекторот, можеби е лекторка, не е битно – инсистираме и понатаму.

-Значи сакам да зборувам со лекторот.

-А што е тоа лектор? – прашува соговорникот.

-Како, што е тоа лектор? Не знаете што е тоа лектор!? – почнуваме да реагираме по малку вчудовидено.

-Не знам, нема такво нешто. А за што го барате – прашува човекот и веќе станува нервозен.

-Па, слушаме многу јазични грешки, па затоа сакам да поразговарам, да го прашам лекторот , зошто е тоа така, – му објаснуваме на соговорникот.

-А, за тоа да! Ова новинариве сите прават грешки, – следува неговиот коментар.

-Е, па затоа сакам да поразговарам со лекторот. Тој е најкомпетентен за тоа.

-Нема, немаме лектор, – одговара господинот.

-Не може да биде тоа, не може таква телевизија да нема лектор, – настојуваме и понатаму.

-Нема, нема, нема господине. А, еве, чекајте да го прашам шефот. Почекајте.

-Добро ќе причекам, – му велиме. -А, извинете, со кого разговарам јас, кој сте вие, со кого разговарам?

-Со пријавница, овде е пријавница. Еве почекајте, ќе го прашам шефот.

Чекаме извесно време. Слушавме некаков раговор, но не можевме да разбереме. Слушаме само дека се спомнува зборот лектор. Чекаме и се чудиме за оваа апсурдна ситуација. По извесно време слушаме:

-Ало, ало, дали сте уште на линија? – прашува човекот од пријавницата. -Е, видете, нема, нема, немало лектор. 

Навистина чудно, се прашуваме дали треба да продолжиме со разговорот. Кога го спомна шефот, не знаевме за каков шеф станува збор, но сепак, помисливме дека најпосле ќе се разбереме со човекот од пријавницата. А тој, зборува понатаму, зборува некако неповрзано, како да ништо да не му е јасно.  Не знаеме што слушнал од ,,шефот,, но кажува нешто. Вели дека новинарите само тоа го правеле. Дека немало лектор.

Дојдовме до сознание дека не вреди да се зборува повеќе. Рековме само онака, повеќе како за себе: -Чудно е, ако нема лектор. Добро, господине, ви благодарам за информацијата и проштавајте што ви додевав малку.

-Ништо, ништо. Еве, ќе ви го дадам директорот, па тој нека ви објасни.

Причекавме извесно време, кратко! Со надеж дека најпосле ќе разбереме дали има или нема лектор. Одденаш слушаме:

-Ало, директорот немал време. Ај, чао!

-Добро, ви благодарам! Поздравете го директорот.

И на што заприлега ова?! Исто како некој трговски патник да појде, да речеме во ,,Витаминка,, за да склучи договор за набавка на чоколада. Човекот од пријавницата го запира и го прашува: – ,,Што се тоа чоколада,,?

Признаваме дека овој разговор со човекот од ПРИЈАВНИЦАТА нема некоја директна врска со проблемите во јазикот. Да! Но, сé повеќе станува јасно дека проблемите стануваат сé поголеми и подлабоки.

Македонијо! Ако не можеш да се разбудиш, барем подразбуди се!

Loading