ЗАРАЗЕНО БЕБЕ НА ЦИЦАЊЕ КАЈ МАЈКА МУ ВО ЗАРАЗНО

ИСПОВЕД НА КОВИДОСАН

kiro kovid 2

Минав седумдесет и кусур години, ама оваа, нова, ,,модернава,, болест и мене ме кутна. Минаа повеќе недели, откако куртулив и сум на нозе, но матичниот лекар, на висина на задачата и Хипокритовата заклетва, такаречи секој ден се јавува да ме праша како сум со здравјето. И додека не бев во домашна изолација, го креваше телефонот на неколку часа, небаре само му бев пацинет, од овие заразените. Прашуваше дали имам, и ако имам колкава е температурата, дали кашлам, како ми е, дали ме болат зглобовите… По ред како што му е запишано во протоколарната листа. Бев под строга контрола и лекарска грижа.

Еве ја прикзната како го минава ковидот и домашниот каранти. По откривањето  на заразата добив решение за домашен карантин. Демек ќе ме проверува полиција дали сум дома, дали се шетам и дали и моите се дома. Ако не ме најдат во домашната изолација, следи не така мала казна, како што пишува. Сиромав, каде да одам кога не ми се гледа од пред очи. Затворен во мало собче два на два, без телевизор, се изнаслушав музика од радиото. Како некогаш кога се знаеше сé од радиото. И таму ги избегнував вестите, оти ми се смачи од бројки на заразени, починати, оздравени, во Прилеп, во Македонија, во регионот. Небаре некому му е важно.

Така е тоа. Кога ти велеа седи дома, биди одговорен, чувај се, не ти годеше. Ако сам човек не се чува, а се работи за неговата глава, тогаш кој му е виновен?! А со месеци внимавав. Не сум некој ,,Неверни Томо,,. Бев дисциплиниран, оти сум ризичен со возраста. Носев маска редовно, дури и на велосипедот. Не се дружев со пријателите, не седев блиску… Во семејството никој не беше заразен од ,,ѓаволскава болест,, што го треси светот. Не верував на сомничавите за комичните толкувања на стравот од типот – ,,нема ништо од тоа, измислена работа,,… Ми се живее….

Не верував дека ќе ме снајде и мене. Ама, ѓаволот ниту ора, ниту копа, си прави ѓаволски работи. Го здрма светот. Она што секојдневно се кажува на сите ТВ канали, домашни и странски, не е за ,,машала,,. Човек, сакал или не, мора да се замисли сериозно. Ама, како сериозно кога оваа ,,палежнава,, не бира кого ќе го ,,вчапи,,.

Првин мислев дека е грип, настинка. Се тешев дека не сум со таква ,,среќа,,. Нема да ме извлечат од ,,нездравиот,, барабан. Ама, сум се залажувал. Видов не видов дека ова не е играчка, не е она што некои сакаа да го прикажат за измислено, го побарав матичниот. Ме упати на проверка на крвна слика во лабораторија, на рентген, да се ,,фотографирам,,. И? И, што и?. Упат итен за инфектолог. Оф, мори мајко, го обрав бостанот на зелено. Пред одделението, турканица од болни, здрави, ,,пратеници,, со болните и којзнае какви не пациенти. Специјалистот, опремен со скафандер, ко космонаут, со нараквици, нé седна надвор на клупа и на сите ни мереше температура. Ни зеде бриз и за тие што според него сметаше дека треба да бидеме во домашна изолација ни кажа што треба да правиме. Некои ги прати да лежат во одделението. Пиша некои лекови, разни билки. Кажа како да ги пиеме. Инсистираше да не бидеме блиску до домашните. В соба, сами со подотворена врата и што ќе ти донесат да јадеш, ако можеш да јадеш. Тоа ти е! Приборот за една употреба да се остава пред врата. Нема никакви, освен телефонски разговори-контакти. Аман, бе! Нема аман! Слушај или ќе одиш на одделение.

Си дојдов некако дома ко попарен. Кажав како ми рекоа. Алиштата ги фрлив уште во претсобјето. Се почна да ми смета, да ми се врти, да ме боли стомакот, почнав да кашлам и тоа ептен! Не, како од грип, туку како што велеа за ,,ѓаволскава,,. Почнав почесто да одам во ВЦ, не ми се јадеше, се потев, три дена се тресев како лист на гранка. Треска, а од каде? Настинав, од дома не излезен! Кренав температура. Ми откажа и апетитот. Се ми горчеше. И сирупот, и чајот, и водата. Легнав и мислам каде го ,,закачив,, ова што ме снајде или тоа ме ,,зграпчи,,. Да, одев по банките, броев пари, одев во пошта, по шалтери… Каде и со кого се се движев? Го враќав филмот. Дали го добив од пазариштето, од дуќанот од каде секое утро купував леб, млеко? Не знам. И сум заспал, можеби од лековите. Така десетина дена, со контакти телефонски, најмногу со матичниот лекар. Го слушав со ,,24,, отворени.  Вестите на радиото не ги сакав, оти ги броеше, не дај Боже, и тие кои заминале. Од ден на ден бројките сé поголеми, повеќе ,,залегнати,, по болниците и дома, да е скраја од секого!

kovid kiro

Преку пријатели, матичниот ми испрати упати за натамошни прегледи. Пак преку заеразното. Ајде, пак крвна слика, пак ,,сликање,, на рентген, строго, пет-шест души заедно со маски, капи, на чевлите хартиени навлаки и еден по еден – ,,шкрапај – заминувај,, пак со сестрата која не донесе да се вративме назад. Пак надвор, на отворено, чекаме резултати и прегледи. Тешко. Бегав подалеку од другите три и повеќе метри. Тишина во која секој си ,,зборува,, во себе и за себе. Кажуваа дека не биле со никого, никој не ги посетил, а се ,,зафатени,,. Женичка кажа дека никој не дошол, ниту одела некаде. Само золвин се напил половина чаша пиво и тоа седеле подаеку. Една помлада госпоѓа постојано кашлаше и бегаше подалеку. Чудо некое се луѓево. Лекарите прво што прашуваа за пушењето, а ,,дамава,, ем кашла, ем пред заразно, ем сестра í била на горниот кат, а таа ја лапнала цигарата и трга, ли трга. А, ваму кашла!??

Незаборавна е сликата кога дојде млад татко. Туркаше детска количка со детенце. Некоја од жените му рече кај го носи детето, оти ќе се зарази. Им врати малку налутено. ,,Веќе е заразено,,. Го носам кај мајка му. Не може да заспие, да го нацица,,. Мајка му во заразно. Ајдеее!! Тешко нејзе, тешко на таткото, тешко на детенцето. ,,Палнава,, не бира кого ќе го стегни,,. Нема милост! Чудо некое . Да не верува човек на сопствените очи!

Додека лежев дома се сетив на една животна сторија. Своевремено починатите ги носеа со запрежна кола на градските гробишта. Ние, како помали, а и поголеми, излегувавме на улица и гледавме кој е умрен. Се прашувавме. Пред кочијата со починатиот одеше кибар Алекса, Цуре, со крстот и свеќата. Облечен во ,,ганц,, костум, со врска и кошула. Тоа беше ,,донации,, од оние на кои предходно има ја носел свеќата и крстот. По закопот, му плаќаа за ,,услугата,,. Похрабрите и постарите го прашуваа Цуре, кој е на ред. А тој со полутажен глас ќе наброеше пет-шест души за кои мислеше дека во наредните пет-шест дена ќе треба да оди пред сите, пред кочијата, пред починатиот, пред ожалостените блиските, роднините, пријателите на оној што го носеа. Велеше Цуре – ,,Васка од тие, по прекар, или по место на живеење, Ѓоре, од тие и тие, Бранко, Коло,,… Со ред додека мислеше дека ќе им биде на одреден начин потребна неговата услуга. Ова асоцира на секојдневните пребројувања. Тоа било за нас, за ,,нездравите,, да се плашиме и да им кажуваме на оние што не сакаат да ги слушаат здравствените власти дека ова не е играчка. ,,Не се игра со Сатана,, – си мислев .Така излезе ова што го доживеав. Не беше и уште не е лесно. Се штрекнувам кога ќе заѕвони телефонот. Мислам дека тоа е матичниот и ќе праша – ,,Како сум?,,, или Не дај Боже, полицијата да не ѕвони на врата да  провери дали сум дома, дали не сум.

Сигурно некој нема да верува. И јас не верував, ама еве дојде време, сакал или не, да поверувам дека ,,Сатанава,, на некој начин иди по своето. Тешко на болните и на оние околу нив, тешко и на лекарите и здравствените работници. Сакаат да помогнат, но, верувале или не, и тие не знаеја од каде и со што да почнат? Чудо некое што на сите ни ги сврте мислите кон себе си! ,,Ѓаволска” работа,,. Само со помин да е! Да го заборавиме некое време Цуре, оти таму каде што ги испраќаше сограѓаните, нема бегање, нема враќање! Таков, некаков дојде животов. Чуден, а?                

Кирил Ристески

Loading