ИНИЦИЈАТИВНОСТ, ПОСЕД НА ТОПКА И ДИНАМИКА

Фудбал: Пет недели подготовки на Победа

Четири засилувања

Pobeda

Веќе 38 дена Победа се подготовува за тешката битка за опстанок во пролетниот дел од Втората лига – Исток. Покрај тренинзи, се играат и пријатески натпревари. Од договорените шест, се откажаа три поради снег – со Велазерими, Тетекс и Велешта. Три се одиграа – со Напредок Крушеани на Могила (3:0), Вардар во Неготино (0:3) и Пелистер во Битола (0:2). Останува само уште мечот в сабота со Тиквеш во Кавадарци.

-Првите два меча не ги ни сметам. Ја заокружувавме првата фаза на општа издржливост. Времето беше само трка. На вториот меч шанса добијаа и играчите кои поретко играат. Беа со тешки нозе на тежок терен. Поразот дозволи да се притисни екипата посилно да работи. На наредниот меч со Пелистер беше подруго. Бевме рамноправни со прволигашот, на моменти и подобри. Задоволен сум, оти имавме иницијатива, посед на топка, трка, дисциплина, динамика… Примените голови беа како повторени грешки од лани. Работиме да ги отстраниме – вели Дарко Крстески, тренерот.

Позитивен е билансот од преодниот рок: еден се откажа (Благоја Гешоски), заминаа двајца (Филип Димоски во Саса, Дарио Наумовски во Осогово) – дојдоа четворица (неготинците, напаѓачот Кирил Неделков од Плачковица, полушпицот Мирко Симјановски од Тетекс, крилниот напаѓач Петар Најдов од Кит-Го, како и напаѓачот Дарко Грозданоски од Силекс, претходно на Тиквеш. Последниов новодојден предизвика внимание, оти е од прволигаш.

-Тој е шпиц. Есеноска ни даде гол за Тиквеш во Росоман. Одигра доста натпревари за Силекс. Млад играч, 21-годишен, роден и живее во Белград, по потекло од Манастирец, Бродско. Звездино дете е. Ги минал сите звездини школи. На мечот во Росоман, видов дека е мошне квалитетен. Со четирите засилувања во преодниот рок, добро минавме – смета Крстески.

Поради снегот, тренинзите на Победа покрај на Могила, се одвиваа на вештачката трева и в сала.

Loading