ДОКТОРОТ УКАЖУВА ПОМОШ

ivce1Настанала непријатна ситуација. На извесна госпоѓа и бил отстранет едниот јајник. Го слушаме ова на некоја од нашиве ТВ. Зборот ,,јајник,, беше повеќепати употребен. Се крие тука некоја грешка (јазична) за која, речиси, никој не размислува. Сите, и обичните луѓе и лекарите велат дека тој репродуктивен орган кај жените, се вика ,,јајник,,. Скриена е грешката. А и под силното српско влијание, сите велат така. Погрешно е тоа. Од граматиката знаеме дека можат да се изведуваат именки од именки. Во овој случај, во српскиот јазик од именката ,,јаје,, се добила именка ,,јајник,,. Дали е така и кај нас? Не е! Кај нас именката гласи ,,јајчник”, а не ,,јајник,,. Во Речникот (тритомниот) одбележана е и именката ,,јајник”, но со упатување на ,,јајчник,,, значи тоа е правилното. А и ако се размисли повеќе, се заклучува дека е тоа така. Скриена е грешката, големо е српското влијание, мало е нашето внимание и ете, сите велат (погрешно) ,,јајник,,. А и каналот по кој патува јајце-клетката се вика ,,јајцевод”, а не ,,јајевод,,. Сé си има свое правило. Белки ќе го откриеме некогаш.

Непријатна ситуација. Вербално расправија меѓу извесни господа, која завршила со престрелка. Имало ранети. Објаснува новинарот надолго и нашироко дека на повредените им била пружена помош. Многупати го повтори зборот ,,пружена,,. За чудо, оваа грешка ја слушаме доста често и од многу луѓе. Тој збор го има во нашиот јазик, но обично е префиксиран и има малку поинакво значење: некој ја спружил ортомата, некој ги спружил, ги спрострел алиштата да се сушат, некој се испружил во креветот. Во некои случаи овие глаголи можат да одат и непрефиксирани, но не со она значење што го користи новинарот. Докторот може да ДАДЕ помош, да УКАЖЕ помош, а не да ПРУЖИ.

Ја слушавме министерката на АРМ. Зборуваше за некоја состојба во армијата. Ни соопшти и за тоа дека некои од војниците станале подофицири. Можеби тоа беше случаен пропуст, случајна грешка. Можеби беше така. Но бидејќи таа грешка сме ја слушале и во некои други пригоди и од други луѓе, сакаме да укажеме дека во македонскиот јазик зборот гласи ОФИЦЕРИ, а не ОФИЦИРИ. Според тоа и ПОДОФИЦЕРИ, а не ПОДОФИЦИРИ. Ако не беше грешката случајна, тогаш таа станува поголема кога ја слушаме од министер.

Известува новинарка од Собранието, од самото место. Вели дека Собранието било пренатрупано со законски предлози. Навистина, да се чуди човек. Па зар е можно во Собранието да се ставаат на дневен ред и некакви незаконски предлози? Новинарката сака да каже нешто друго. Таа сака да каже дека Собранието било пренатрупано со предлог-закони. Ова го слушаме од сите телевизиски извештаи. Зошто овие луѓе не можат да сфатат дека ПРЕДЛОГ-ЗАКОН не е исто што и ЗАКОНСКИ ПРЕДЛОГ? Погледавме и дел од седницата во Собранието. Таму, на дневен ред беа многу предлог-закони. Јасно е дека предлог-законот штом ќе се усвои, станува закон. Ама, за чудо, пратениците не велат така. Слушнавме излагање на поголем број пратеници. Расправии, навреди, надвикувања, тоа е нормално во нашето Собрание. Не е нормално што сите велат дека треба да се изгласа (или да не се изгласа) ЗАКОНСКОТО РЕШЕНИЕ. Тие ги викаат законите ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА. Законско решение е секое решение издадено врз основа на законот. Такви се: решение за плата, решение за годишен одмор, решение за уривање на дивоградба и којзнае уште колку решенија. Па нели за Собранието се вели дека е Законодавен дом? Тука се донесуваат ЗАКОНИ, а не ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА. Решенијата произлегуваат од законот. Како е можно ова да не го знаат новинарите, па и пратениците? Зар не се свесни дека на дневен ред имаат ПРЕДЛОГ-ЗАКОН, а штом ќе се усвои, ќе се изгласа, тој станува ЗАКОН, а не ЗАКОНСКО РЕШЕНИЕ? Веројатно погрешно сме го сфатиле тоа дека за идентитетот и за јазикот не треба да се разговара. Се покажува дека кај нас за тоа ниту се разговара, ниту пак се мисли. Ама, јазикот не го даваме!

Loading