МЕТОДИ ИСКОВ – ОЧИ КОИ ГО БЕЛЕЖАТ ПРИЛЕП

metodi iskov prilep

,,Уметноста неминовно се протега низ сите сфери на животот и е неможно сеприсутноста да не се почувствува и во најмрачните и во најсветлите денови. Без оглед на насоката во уметноста, жанрот, културолошката поделеност, тоа што е основа за постоењето е безвременското настојување да ја задоволи човековата потреба за одговори…,,.

Ова го вели уметникот Методи Исков, кои низ призмата на уметноста го бележи Прилеп.

-Љубопитноста ја потхранува инспирацијата за создавање на дела кои некогаш ќе бидат трага за одгатнување на прашања. Ме инспирира развојот и историјата на Прилеп, некои позначајни делови како Марковите Кули, Старата Чаршија, Саат Кулата, Могилата на Непобедените и други знаменитости со безброј прашања. Старите фотографии наведуваат на прашања за тоа каков бил животот и како се менувал ликот низ годините. Очите кои ги бележат спомените создаваат трага на случувањата на едно време, а уметноста може да ги претвори спомените во траен белег за многу генерации. Оттука произлезе и циклусот на слики и мурали, поврзани со нашиот град – вели Исков.

Иако вајар, љубопитноста го одвела во нови предизвици на експериментирање во сликарството.

-Делата се во повеќе стилови (реализам, поп-арт), сакајќи да ги доближам различни генерации, конзументи на ликовната уметност. Така се создадоа двете последни слики ,,Очи кои го бележат Прилеп”, работени во два различни стила. Претставен е плоштадот и дел од Старата Чаршија. Работени се според стара фотографија. Денес плоштадот е видоизменет – објаснува Исков.

Сликите се два различни погледи, но во уметничките очи има безброј.

– Можам да ги насликам со затворени очи од секој агол. Во родните градови, секојдневно и несвесно се движиме, но сликите остануваат во мислите. Ниту еден уметник не е задоволен. Постои чудно божествено незадоволство, благословен немир кој нé движи и нé турка напред, естетски да го оживееме споменот на едно време на еден град. Независно од изразот, се остава трага за идните неодговорени прашања – потенцира Методи Исков.

Loading