БАЛЕТСКИ СОН ЗА ЕВРОПСКА СЦЕНА

Веселин Трајковски

MLAD  NADEZEN BALETAN

 

Веселин Трајковски (18) е ученик во балетското училиште ,,Илија Николовски – Луј,, во Скопје. Неколку години го надградува меракот за танц, за да му се оствари сонот, да стане балетан. Практична настава во доменот на класичниот балет следи во класата на професорката Маја Митровска Богојевска.

Три година е дел од потенцијалните уметници на средното балетското училиште .

-Танцувам од пет годишна возраст. Затоа е очекувана одлуката да се посветам на оваа професија. Љубовта кон танцот почна со латино танците. Имав 10 години и оттогаш сакав да се едуцирам на професионално ниво. Родителите ме поддржаа. Дури беа и главните иницијатори да се запишам во балетското училиште. Ми беше многу чудно, оти никогаш не сум се занимавал со балет. Но, цврсто верувам дека само таму можам да ја остварам сонуваната желба – кажува идниот балетан, Трајковски.

Во средното училиште во Скопје му се променил живот, макар што почетокот бил тежок.

-Покрај сите перипетии и првични горчини во новата средина, не стивнуваше копнежот за остварување на мечтите. Сам во големиот град не е лесно. Но, фантазијата за балетската кариера и сцена ми беа водилка низ ,,слатките,, стартни маки. Се скусував од повеќе задоволства што ги имаше мојата генерација дома. Сепак, кога амбицијата е огромна, нема ,,планина,, што не може да се совлада – вели Веселин.

Како секоја друга професија, и балетот бара многу труд, ангажман, пот затоа што ова не е вообичена работа. Секој чекор, секое движење на телото и екстремитетите се совладува со готовност да се даде сé од себе си за да се впијат креативните упатства и искуства на балетските педагози.

Veselin Trajkovski 1

-За да се совладаат тешките и сложени технички елементи и движења потребна е многу сила, концентрација и подготвеност за хармонизација на телото и умот. Изучуваме различни видови на танци и техники. Освен класичниот балет, се образуваме со карактерни игри, историски танци, модерен џес балет, пијано и глума. Додека танцувам, се трудам да ја пренесам емоцијата на публиката, која заслужува да ја почувствува приказната која сакаме да ја раскажеме. Мило ми е што танцот се помалку се карактеризира кака предодредена професија за девојчиња. Во класот сме шест момчиња. Инспириран сум од повеќе балетски ѕвезди кај нас и во светот – истакнува младиот балетан.

Според Трајковски, нужна е наобразба да се научи говорот на телото низ балетските уметнички движења на прсти, скокови и други техники.

-Балетанот треба да не ги заборави луѓето кои сесрдно го поддржуваат на патот кон успехот. За мене се ,,закон,, мислењата на семејството и професорката. Нивниот потстрект ме охрабрува и ми даваат крила да  издржам во најтешките моменти на совладување и изведување на комплицираните, некогаш и акробатски, можеби гимнастички, а балетски фигури. Советите влијаат полесно и побрзо да се стекне вештина на движењето на телото. Нужно е да се има верба во себе си и спремност да се одолее на ,,напорот,,. Оти балетот не е само креативен чин на синхронизација на играта со музиката, туку полно физичко напрегање и кондиција. Најважно е да се верува во сонот за успехот, да се сака да се постигне совршенство, да се разбери и да се изведи инструкцијата на наставникот. Така се оди кон патеката на популарноста и славните, која не е послана со рози. Нужна е самодоверба и голем труд, потребна е сопствена оценка за квалитетот и себепочитување – кажува  Трајковски.

Пред пандемијата учествувал во дел од претставите на репертоарот на Македонската опера и балет.

Veselin trajkovski

-Сцената е просторот за израз на балетаните. Уживав на доверената чест што бев дел од професионалната балетска екипа. Танцував во повеќе претстави, како операта Скендербек, Аида, балетските претстави Лебедово езеро, Дон Кихот, Петар Пан. Задоволството кулминира со играта во претставата Оревокршачка, каде го играв Па Де Троис. Учествував и на годшните концерти на средното балетско училиште на крајот на учебната година. Треперев од радост за наградата од натпреварот Данс, каде што добив стипендија за летна школа во Финска (Хелсинки). Таму бев под инструкции на еминентни професори од Русија и Финска заедно со ученици од целиот свет. Искуството ми е добредојдено за натамошниот напредок и совладување на тајните на балетот – истакнува Трајковски, кој, како секој млад човек, негува надеж да згазни како балетан на некоја европска сцена.

Loading