КОДИФИКАТОР

ivce1Изненадувачки е фактот што во Речникот (тритомниот) не се најдува зборот ,,основоположник,,. Веројатно, причината е во тоа што Речникот е издаден од поодамна, а збор се појавува во поново време, но е во честа употреба. Можеби е неологизам, новосоздаден збор, а неговото постоење е сосема можно, наполно одговара со нашиот зборообразувачки систем. Во Речникот изненадува нешто друго. Речиси сите, кога е тоа потребно го користиме зборот, именката – ,,оснивач”, а глаголската именка ,,оснивање,,. Без размислување многу сме ја зеле српската форма. Во Речникот стои ,,основач,, исто така и ,,основање,,. Регистриран е и глаголот ,,основува,, како и именката ,,основувач,, наместо српското ,,оснивач,,. Признаваме дека и ние лично сме ги правеле овие грешки. Само за пример: Речиси сите ние би рекле ,,Оснивачко собрание”, наместо ,,основачко,,. Има повеќе такви примери.

Во Речникот на Зозе Мургоски го има зборот ,,основоположник,,. Наша претпоставка е во тоа што зборот е во употреба во поново време. И речникот на е од поново време. Не ни е прирака новиот Толковен речник на македонскиот јазик и не знаеме како е таму.

Да пребаруваме во разни речници и да пишуваме за сево ова, има посебна причина – одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески. Известуваа сите наши телевизии. Ја гледавме родната куќа на Конески во Небрегово. Присутни беа повеќе луѓе, особено политичари. Настанот се одбележа од сите наши ТВ куќи. Од една од нив , го слушнавме исказот: ,,Блаже Конески, основоположник на македонскиот јазик,,. Истиов текст, колку што можевме да забележиме, беше испишан на голем плакат залепен преку целата куќа. Брзо се менуваа кадрите, не можевме убаво да го прочитаме текстот на плакатот, сепак, беше така напишан.

Зошто го пишуваме ова? Зборот ,,основоположник,, не натера на тоа. Убаво е тоа што се одбележува стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески. Но, грешката од ТВ беше голема. Можеби ја имаше и на другите ТВ. Како и да е, тоа не смее така. Во никаков случај не може да се рече дека Конески е основоположник на македонскиот јазик. Споменавме погоре дека зборот ,,основоположник,, значи исто што и ,,основач,,. Не само Конески, туку и никој друг не може да биде основач (основоположник) на некој јазик. Тој е кодификатор или поточно, еден од кодификаторите. Се разбира, Конески е на челната позиција. Бесценета е неговата улога и заслуга. Но, искажувањето дека Конески е основоположник е голема грешка. Основоположник и кодификатор не е исто. Конески, и кој и да е друг, не може да го создаде јазикот. Јазикот постои, со сите свои дијалектни особености и карактеристики. Јазичната норма се кодифицира со опис на граматичките особености. Мораме да кажеме дека грижата за јазикот е грижа за сопствениот идентитет. За стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, ќе кажеме дека кодификацијата не беше лесна и едноставна. Некои членови од комисијата сметаа дека крајното решение за сите јазични прашања треба да со помоШ на некои руски научници. Требаше да дојдат Бернштајн и Державин од Русија, односно од тогашниот Советски сојуз. За среќа, не дојдоа. А и Блаже Конески се спротивставуваше. Велеше дека ова е сосема наивно и погрешно мислење. За нашето јазично прашање не може да биде компетентен никој друг, освен ние. И така беше. Кодификацијата на македонскиот јазик беше завршена во 1945 година. Затоа, Блаже Конески е кодификатор а не основоположник.

Инаку, зборот ОСНОВОПОЛОЖНИК е сложена именка. Произведена е од именките ,,основа,, и ,,положник,,. Постојат повеќе такви именки во нашиот јазик.                                                                                                                                           

Loading