НАГОРАМ ТИ ЌЕРКО, СЕТИ СЕ СНАО!

Прилепски мајтапења

Во паркот на драпачките многу актери и статисти по клупите. Личат на парламентарна сала, во која само стриковците Рампо и Цане место да седат, стојат, на лик на горните и долни домови на запад.

– Рампо, Цане и ја мора да седнам, ама клупава ко водена ми се гледа. Имам и мака со хаубава. Че настинам –  праша еден од стотина кила кому мевот и гушата му станале едно.

– И да седниш, че бидиш ко да стојш – му врати Цане.

– Седно, од тебе ни бела, ни црна не сме слушнале – му рече стрико Рампо.

-Можи ет, можи неет ко шо велите. Ја до се бев ко прафосмукалка, ко сликар. Шо се вели и собирав и сликав. Дојден сум нешто да прашам – вели “грамадниот”.

– Прашај, не се тегај ко гумарабика – го прекори Цане!

– Го читам материјалов за преселба од парков во Домон и ви се чудам на умот. Ептен сте биле задрти. Која будала ко че стегни мраз, че дој овде – праша “големио”.

– Ко тебе,  некој самстрак. Кажуј шо сакаш?

-Вие ептен сте биле дудуци. И овие позеленетиве – констатира соговорникот.

– Зошто бе крмак?

– Со документов докажувате дека сте резил. Си ја резилите и фамилијата и партијата и улицата… Да беше некој од улица порно че го напишеше, бави ракописо – ги прокуди тој.

– Почитуван колега, почитуван дојденец, да продолжиме парламентарно. Море абдал, насобраниов народец слуша и гледа шо трици јадиш. Тие не можа крај со крај да си кла, а мора твојте педерлаци да ги слуша. Да беше порен, немаше да си ко воле во врато, ко каца во мево, ко вдојца во хаубата шо ја велиш. Протурен, шо мана му најде, да те нај то шо ги најдува магарицине – луто праша Цане.

– Да се чудиш. Ни точка, ни запирка не сте клале. Не разбрав дали че се повлекуваме ко заврни снег и дали сите чојме во Домон кадео полојната нé не собира – изведе чуденка “големиот”.

– Ако тргнеа по критизеров, се може да се случи. Че има и турканици и тупаници. Море слепец, немој да врејџаш, прибери се да не те прибериме. Кај те донесе тој со една нога, баму стапалото баму… – врати Цане!

– Сигурно не е видел задната страна. Клајни се точки, запирки, прашалници… Та, не сме даскали. Плус, документов е појден на усогласување. Сите забелешки че ги тресиме и и овде и во Домон –  рече Рампо. 

– Сакав тро европејцки, а не наше. Ме разочаравте ептен. Дојдов да се подрапам, а вие ко трупци. Ко да не ја знајте мудроста: “Нагорам ти ќерко, сети се снао…”. И вие сте ми биле мајтапчии, итроманци! Ај создравје – рече дебелиот и си замина.

Насамарените драпачи останаа скиснати.

Loading