ЛЕТААТ 9000 КИЛОМЕТРИ ЗА ДА ИГРААТ ФУДБАЛ

Живот: Александар Златевски и Борче Сркески, млади професионалци

-Клубот се вика Делфинес дел Есте од Доминиканската Република

Delfines del Este

Фудбалската печалба на македонските фудбалери, обично е во клубови низ Европа – Германија, Шпанија, Италија, Франција, Велика Британија, Русија… Кој би помислил на Доминиканската Република? Токму во таа далечна земја, наскоро ќе отпатуваат младите прилепчани – Александар Златевски и Борче Сркески. Успеале да го заинтересираат клубот прволигаш Делфинес дел Есте, без да одиграат во македонски прволигаш.

-Почнавме во Школата на Горан Тодоровски – Сивчо, потоа во Кадетската екипа на Победа, па во струмичка Академија Пандев. За Младинската екипа никогаш не настапив. Веднаш во сениори, за крушевско Питу Гули, кога беше во Втората лига. Играм офанзивен за врска и левокрилен напаѓач. Летоска требаше да заминам за Естонија. Поради пандемијата отпадна првата можност да странство. Во ноември заиграв за второлигашот Росоман. Таму бев до крајот на полусезоната, исто како и Сркески – раскажува за досегашниот развој, Златевски.

Многу фудбалери сонуваат трансфер во странство. На малкумина им се остварува сонот. Врската Прилеп – Санто Доминго, главниот град на Доминикана, е тренерот со про-лиценца и менаџер од Србија, Стефан Ристиќ. Бидејќи имал корени во Македонија, престојувал во Крушево, каде давал стручна поддршка на второлигашот Питу Гули. Бил тренер на Делфинес дел Есте, клуб кој го внесол во Првата лига.

Srkeski

-Повеќе месеци работеше во клубот. Поради пандемијата, го водеше само на два меча. Со Победа извадовме 2:2, кога дадов еден гол, а ни израмнија во 94 минута. Тој ни помага за да заминеме. Виде некаков потенцијал – вели Златевски.

Заминуваат во непозната земја. Знаат дека ги чека голем и добро организиран клуб, кој е заинтересиран за млади, перспективни фудбалери.  Такви се двајцата прилепчани. Попусто не се лета за 9000 километри. Сркески е стопер. Претставува сигурност пред сопствениот гол. Златевски со брзина и техника умее да им го загорчи животот на противничките голмани. Три години бил најдобар стрелец во младите категории.

-Клубот, иако постои шест години, има брз прогрес. Годинава ќе настапи и на меѓународната сцена, во Конкакаф, пандан на УЕФА. Раководен е и финансиран, од добри спонзори. Договорен е пат, сместување… Сé е обезбедено. Ќе бидеме професионалци. Ништо нема да работиме, само да играме фудбал. Договори ќе потпишеме таму, а веќе имаме преддоговори – информира Златевски.

Дека е сериозен клуб кој е во нагорна линија, говори податокот за градба на сопствен комплекс од терени и објекти за сместување на фудбалерите. Во голем клуб место имаат само големи фудбалери. Тренерот Ристиќ верува во прилепчаните, а тие во себе. Само со голем труд и максимално залагање ќе можат да стигнат до место во првата постава. Конкуренцијата е мошне силна, со домашни и странски играчи – од Колумбија, Венецуела, Хаити, Канада… 

-Очекуваме да бидеме топло прифатени со поддршка од Ристиќ. Не одиме сами, туку со човек кој го познаваат и го ценат. Предизвик е првиот професионален и интернационален договор. Се надеваме дека ќе биде се најдобро и ќе останеме подолго. Тој клуб да ни биде отскочна штица за напредок во кариерата. Близу се поголеми клубови од Јужна и Северна Америка – смета Златевски.

Zlatevski

Во Доминикана стандардот не е многу висок, но фудбалерите се меѓу најплатените професии. Колку ли ќе заработуваат прилепчаните? Платата сигурно е повисока од онаа  на македонските прволигашки фудбалери. Единствено Шкендија може да издвои толкави суми какви што ќе има во џебовите на прилепчаните. Затоа е и силната поддршка од семејствата.

-Имам одобрување од мајка ми, татко ми и брат ми. Велат дека овде одамна нема иднина. Шансава треба да се искористи. Не е важно што е далеку. Што подалеку, тоа подобро – завршува Златевски.

Младите фудбалери ги пакуваат куферите за далечниот пат. Се чека само повик за тргнување кон Доминикана.

Доминиканците објавија на Фејсбук

Дека трансферите се реалност се гледа од објавите на клубот Делфинес дел Есте. На клупската ФБ-страница се прикажани фотографиите од фудбалерите и кус текст: Продолжуваме да носиме засилувања! Младиот Македонец, Александар Златевски, ќе се приклучи, благодарение на преговорите со Стефан Ристиќ. Уште еден пристигна! Благодарение на преговорите на нашиот спортски директор за Балканот, го најавуваме македонскиот талент Борче Сркески во нашето семејство. Следуваат уште изненадувања. Сакаме да сме најдобри – порачуваат од клубот.

Кон најубавите плажи

Професионалците имаат малку слободно време. Тоа го користат на најдобар начин. Во 11-милионската земја ги очекуваат разновидни природни убавини.

-Досега ништо не сум слушнал за таа држава. Имало најубави плажи во светот. Нема студ и зима, само убава, топла клима за живеење. Уживање – вели Златевски.

Сé најдобро за тренерот-менаџер

Секој тренер, каде и да појди, ги носи играчите кои ги имал во претходниот клуб. Така и Стефан Ристиќ со двајцата фудбалери од Питу Гули. Играчи во кои има доверба. И тие во него.

-Тренерот бара многу одговорност. Им дава шанса на младите. Бара многу работа на секој тренинг. Оти како тренираш – така играш. Мора да се тренира добро, за да се игра добро. Многу амбициозен тренер, кој верува во тоа што го прави – забележува Златевски.

Немам идол, туку пример

Младите фудбалери обично имаат идол. Златевски е малку поразличен.

-Немам идол, само пример за професионалност, при што се внимава на тренирањето, спиењето, јадењето, на сé. Решеност и целосна посветеност на фудбалот. Таков пример е Кристијано Роналдо. Ме фасцинира работната етика – начинот на кој се труди да биде подобар и подобар. Го почитувам, оти секогаш настојува да е број 1. Според мене, најкомплетниот напаѓач.

Второ место

Според објавата на Интернет, клубот Делфинес дел Есте, по есенската полусезона во Мајор лигата, единствена професионална во Доминиканската Република, е на 2 место во Јужната група. На 6 меча има 3 победи, 2 нерешени и 1 пораз. Единствениот пораз, со 1:5, е доживеан од Сан Кристобал. Против лидерот на табелата, Универзидад, има нерешено, 1:1. Тој бега 2 бода.

Борбата е за влез во плеј-офот, каде се здружуваат најдобрите од групите Југ и Север.

Loading