ПОБЕДА СЕ ЗАСИЛУВА СО ЧЕТВОРИЦА ФУДБАЛЕРИ

Фудбал: Пред борбата за второлигашки опстанок 

– Доаѓаат шпиц, полушпиц, крилен напаѓач и стопер

Pobeda

По лошата есенска второлигашка полусезона, со 8 место меѓу 10 тима, позитивни вести од Победа. Покрај скромната финансиска состојба, успеваат да го засилат играчкиот кадар. Договорени биле четворица играчи да го зголемат квалитетот.

-Трансферот речиси е завршен. Не ги споменуваме имињата додека сосема не се комплетира документацијата. Едниот е шпиц, вториот полушпиц, третиот крилен напаѓач. Веројатно ќе земеме и стопер. Не успеавме сé што сакавме, но колку е – толку е. Зимскиов преоден рок е тежок. Не се најдуваатслободни играчи – вели Дарко Крстески, тренерот.

Екипата и квантитативно и квалитативно ќе биде на повисоко ниво. Покрај новите, за квалитетот треба да придонесат и досегашните првотимци, од кои мнозинството се младинци. Тие се поискусни и не треба да дозволат да им се случуваат пропусти како лани. Сé може да се постигне со вредна работа.

-Со играчите сме заедно една година. Знаат што сакам. што барам од нив, што треба да работиме. На некои мечеви каде требаше да земеме три бода или барем еден, не зедовме ниту еден. Тоа мора да го поправиме – смета тренерот.

Лоша е табелата. Затоа многумина ја отпишаа Победа во борбата за опстанок. Неопходен е напредок, од 8 место нагоре. Има изгледи да биде спасоносно скалилото погоре. Најдобро е да се напредува две места на табелата.

-Можно е три екипи да отпаднат. Наша цел е да бидеме 6 или барем 7 место. Можеме да избориме опстанок – оптимист е Крстески.

Договорени се пријателски мечеви со Напредок Крушеани, Велазерими, Пелистер, Велешта и Тиквеш.

Гешоски означи крај

Во играчкиот кадар го нема капитенот Благоја Гешоски, напаѓач. Тој го известил клубот дека ја завршува кариерата. Никој не може да се сети во минатото дека имало играч кој настапувал на 39 години. Играше и за 11 Октомври, Корзо, Милано, Металург, Вардар и во Грција. Во иднина можно е да помага во Управата.

Неговиот врсник, стоперот Благојче Дамевски, ќе игра и напролет.

Loading