ДУЗДИСА

Човек најдобро знае да го дуздиса туѓото. Најлесно е и без последици, нели?

Ако видиме некој облечен несоодветно според нашите очекувања, веднаш ќе го дуздисаме во нашата глава. Ќе го отфрлиме она што не чини, ќе го задржиме она што ни се допаѓа и ќе го дуздисаме онака како што би се облекле на негово место. Ете толку е лесно!

Да слушнеме нечиј разговор, макар и прераскажан, веднаш знаеме како најдобро да го дуздисаме. Знаеме што сѐ требало да се каже, како да се постапи, како да се реагира. Нормално ќе го дуздисаме разговорот во неговата, според нас, најдобра верзија.

Може да слушнеме како некој си купил стан, а веднаш потоа следат нашите оправдани осуди. Местоположбата на станот за чудо не ни се погоди, да бевме ние… Да бевме ние на негово место немаше да бидеме заљубени во токму таа девојка, немаше да купиме токму таков автомобил, ќе знаевме како да ги потрошиме парите, нели? Совршено им го дуздисавме животот. А, кој помислил дека дуздисувањето туѓи животи е толку популарна активност?

Често знаеме да го дуздисаме, точно да го испланираме и раскажеме туѓиот живот како да е совршена бајковита приказна. Дуздисувањето на недоволно познати животи не е тешко, а кога станува збор за нашиот, за нашата облека, разговорите кои ги водиме и парите кои ги трошиме, тоа никогаш не ни оди од рака. Па, ако се земат во предвив сите луѓе таму некаде кои ни го дуздисале нашиот живот и создале своевиден замислен идеал, може да се каже дека тука е создадена рамнотежа.

Дуздиса е архаизам кој потекнува од турскиот збор düzenlemek. Во македонскиот јазик се користи со значење на среди, уреди, дотера нешто и тоа во улога на глагол.

Нина Насеска

Loading