“ГРАМЗИВОСТ” – ЛАКОМОСТ, АЛЧНОСТ

ivce1Креативен е нашиов народ. Ќе помисли човек дека се нотирани сите грешки и дека нема веќе што да се пишува. Нема, нема и туку ќе се најде некој креативец и ќе презентира грешка која не сме можеле и да ја претпоставиме. Гледавме на некоја од нашиве ТВ и емисија од областа на животинскиот свет. Егзотични риби ли беа во прашање. Интересни, шарени рипчиња. Коментарот на англиски јазика ние читаме превод. Читаме: “Рипки кои си пливаат во здела”. Што ли ќе биде тоа? Во почетокот на вистина не можевме да се сетиме што е тоа “здела”. Моравме да бараме речник. Да, најдовме.Тоа било – чинија (чиниче).                Си спомнавме, сме го слушале тоа некогаш во комуникација со Срби. Садот во кој ги гледавме шарените рипчиња најмалку личеше на чиниче. Тоа беше всушност стаклен сад во неправилна правоаголна форма. Многу сличен на оние аквариуми што сме ги гледале кај големброј љубители на аквариумски риби. Не знаеме како би се викал тој сад на англиски. Преведувачот двапати згрешил. Прво згрешил што зел српски збор, кој речиси никогаш не сме го чуле во македонскиот јазик. Дури ни во Скопје, каде што се употребуваат многу србизми. Втората грешка е во тоа што односниот предмет според формата не личеше на “здела”. Тоа беше голем стаклен сад полн со вода во кој пливаа рипчињата.

Слушавме ТВ коментар во врска со бизнисмените. Во определен момент еден од учесниците во разговорот упатува некаква критика кон некои одбизнисмените. Вели: “Тоа е претерана грамзивост за заработувачка”. ГРАМЗИВОСТ! Сме гослушале тој збор. Јасно ни е значењето, но не ни е јасно што односниот господин го одбрал токму него. Имаме ние збор, можеби и повеќе. Тоа е човек лаком, алчен, ненаситен. Не треба да се заборави и зборот дрчен. Го имаме и него. Можеби во ваква ситуација и да е најсоодветен. Има во него и потсмешлива нијанса. Но, тоа ти е нашиов човек. “Грамзив” за туѓи зборови.

Се појави новопечен бизнисмен. Не знаеме дали и тој ќе биде “грамзив”. Објаснува дека ќе се формира нова компанија. Еве ја неговата изјава: “Нашата компанија ќе изнајде и сила и снага. Таа ќе биде прв капацитет од таков вид”. Ете, ќе изнајдела компанијата и сила и снага. Многу честа грешка. Мнозина ги мешаат значењата на зборовите сила и снага. Човек може да има голема снага, но да не е силен. Значи “снага” е тело, човечко. А компанијата од бизнисменот може да изнајде сила, но снага не може. Секој работник си има своја снага. Иста грешка слушнавме од еден стар политичар. Велеше дека неговата партија имала и сила и снага да ги реши проблемите. Грешка! Секој човек од односната компанија има своја снага. Не му е потребно да вложува сила за да добие снага. Во српскиот јазик именката “снага” се употребува и со значење на “сила”. Кај нас не е така. СИЛА и СНАГА не е исто. Господинот во својата изјава прави уште една грешка. Мнозина ја прават. Тој вели дека компанијата ќе била прв капацитет од таков вид. Редовна грешка. Компанијата (не знаеме од каков вид е) може да има и свој капацитет во својата дејност, но самата компанија не значи дека е капацитет. А кој производ на нејзиниот капацитет ќе биде најголемиот можен дострел во своето производство. А рековме, самата таа не е капацитет.

Ајде, уште нешто. Повторно од областа на животинскиот свет. Гледавме една емисија. И таму, коментарот е на англиски јазик, а ние читаме превод. Се појавуваат најразлични животни. Во еден момент се појавија чакали. Тоа се животни кои прилегаат на волци, или на кучиња. Го спомнуваме тоа животно затоа што погрешно му го пишуваат името. Во текстот што го читаме повеќе пати пишува “шакали”. Тоа диво куче што живее во Африка и во Азија, во нашиов јазик е “чакал” а, не “шакал”. Така е регистрирано во сите наши речници.

Глаголот “митка” (се митка) одамна, многу одамна не сме го сретнале. Пред некое време го сретнавме, не се сеќаваме во кој текст. Се израдувавме. Убав е тој збор. Често ги слушаме туѓите зборови “удварање” , “додворување”, а многу поретко нашето “умилкување” Еве му сега другар – СЕ МИТКА. Дури и кучето велиме дека му се митка околу нозете на господарот. А и човек, ако сака да добие нешто од некого му се умилкува, му се митка.

Loading