СПРЕМНОСТА ЗА БРЗО ПРИЛАГОДУВАЊЕ НА НОВИТЕ ОКОЛНОСТИ Е НАЈБИТНА ЗА ОПСТАНОКОТ И РАЗВОЈОТ

Сашо Самарџиоски –  генерален директор на Прилепската пиварница

SASO PIVARA

Како Прилепската пиварница влегува во 2021 година?

– Оваа година како и претходната ќе биде година на многу предизвици и многу непознатици предизвикани од пандемијата со која се соочивме минатата година и каква што сме немале никогаш претходно во поновата историја. Но во 2021 г. влегуваме со надеж дека ситуацијата полека но сигурно, ќе се нормализира, барем во втората половина од годината и дека работите, полека но сигурно, ќе си дојдат на свое место. Компанијата има планови да се врати на патеките пред појавата на пандемичните услови на работа и веруваме дека на крајот на годината ќе можеме да кажеме дека премрежјата со кои се соочивме минатата година се оставени зад нас.

Дали имате некој план Б, доколку продолжи кризата со пандемијата?

– Не сакаме да помислиме дека кризата со пандемијата ќе продолжи и годинава. Едноставно, тоа не смее да биди опција. Затоа што, ако кризата потрае, не е прашање дали Прилепската пиварница ќе успее да спроведе план Б, туку се поставува прашање од многу поголем калибар, дали државата ќе може да преживее уште една година во криза? Под државата мислам на народот, сите институции, компании, буџетот кој треба да ги опслужува сите негови корисници. Затоа сметам дека опција за продолжување на кризата не смее да постои. Мора да се направат сите потребни мерки и да се преземат сите чекори до тоа да не дојде. Со појавата на вакцините сметам дека треба да се стави крај, а и со веќе зголемената имунизација на популацијата, затоа што голем број веќе го прележаа, сметам дека не треба да размислуваме на продолжување на кризата од овој калибар.

Какви последици остави пандемијата и се пренесоа годинава?

– Пандемијата како и секаде во светот нанесе огромни последици на работењето скоро на секоја компанија. Нормално, постојат компании кои во ваква криза имаат зголемување на нивната активност, но во глобала целата економија настрада од појавата на Корона пандемијата. Што се однесува до нашата компанија, брзо реагиравме и донесовме т.н. ,,кризен план,, каде ги инкорпориравме сите наши деловни политики за функционирање во такви услови. Сметам дека лани успешно излеговме од целата ситуација. Успешноста се постигна со огромна пожртвуваност од сите вработени, со носење на непопуларни мерки, но неминовни во такви околности, со огромна посветеност на сите вработени и 2020 г. ни беше една добра лекција која иако непредвидлива и кризна, не натера многу работи внатре во компанијата добро да ги редефинираме и да се реорганизираме внатрешно за да имаме поголема контрола на многу активности, што ни донесе една нова и поинаква вредност во компанијата. Сметам, како што викаат старите ,,секое зло за арно,, дека ваквите кризи секогаш се на некаков чуден начин добредојдени да може да се свртиме кон себе си, внатре во компанијата, и сите ресурси да ги искористиме на подобар начин. Така, секоја година е нова лекција за понатаму, а 2020 г. дефинитивно ќе остане за памтење многу години.

viber image 2021-01-20 16-49-07

Секое искушение е поука и предизвик. Што заклучивте од пандемијата?

– Она што го резимираме како заклучок е дека секогаш треба да имаме на ум дека ништо не е вечно и дадено еднаш за секогаш и дека само оние кои се спремни за брзи промени ќе можат да опстанат понатаму. Како што рекол прочуениот научиник Чарлс Дарвин во Теоријата на еволуцијата, не опстануваат најјаките животни, туку оние што се спремни најбрзо да се прилагодат на новите услови на живот. Значи, од секогаш важи истото правило, уште од памтивек и не е битно дали се работи за живи оранизми или компании, спремноста за брзо прилагодување на новите околности е најбитна за опстанок и развој. Верувам дека од оваа криза и ние како компанија и целиот свет ќе извлече поука и дека многу нешта после кризата ќе се ценат поинаку и многу работи ќе функционираат поинаку. Многу ситни нешта ќе ги цениме поинаку. Сето ова се животни лекции за сите нас.

Дали доволно спремно и адекватно реагиравте на ублажување на консеквенците од пандемијата во компанијата кај вработените, организираност, инфроматичка реорганизација и координација…

– Кога реков дека оваа криза ја надминавме со огромно залагање на сите вработени и со нивна максимална пожртвуваност, мислев дека секој вработен направи сé она што се бараше од него за да овозможи компанијата да продолжи да работи, да нема застој, да може да ја осигури својата плата и платата на својот колега. Менаџментот се потруди на најдобар можен начин да реагира на новонастанатите услови, а вработените беспоштедно да се вложат и да ги спроведат сите политики на претпоставените.

ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА – ЗА КИСЛОРОДНАТА СТАНИЦА И МЕДИЦИНСКИОТ КАДАР

Пиварницата се вклучи со донации во бранот на поддршка на државата, локалната заедница, особено во здравствените институции?

– Прилепската пиварница секогаш била и ќе остане општествено одговорна компанија и за тоа нема сомнеж никогаш. Во секоја прилика била подготвена да излезе во пресрет на потребите и барањата на општеството во кое работиме и живееме, а посебно на локалната заедница во која се наоѓаме. Секогаш сме биле подготвени да излеземе во пресрет на многу потреби и барања на државата, локалната заедница, кога тоа е од општ интерес, а посебно во вакви тешки услови во кои сите заедно се најдовме без ничија вина. Со оглед на тоа во какви околности се најдовме сите, а државата и локалната заедница знаеме дека секогаш имаат лимитирани ресурси затоа што потребите од нивна помош се секогаш поголеми отколку можноста да им се излезе во пресрет на сите нив, ние како компанија на неколку наврати дадовме помош каде што сметавме дека беше најпотребна. Уште на самиот почеток кога не знаевме со што се соочуваме како општество  се ставивме на услуга да í помогнеме на општината и доделивме донација која понатаму беше употребена од страна на локалните власти. Кога дојде ударниот бран на кризата во нашиот град и се појавија најголем број на новозаразени и починати, сметавме дека најмногу треба да им помогнеме на оние кои се наоѓаа најмногу на удар со болните, а тоа беа медицинскиот персонал и оние околу нив. Одлучивме да дадеме фактички две донации. Една на болницата да í овозможиме да ја поврзе кислородната станица која беше поставена, но не беше поврзана со болничките кревети. Инвестицијата мораше да се направи да им се олесни на медицинскиот персонал да не се занимава со носење на кислородни боци рачно до секој на кој му е потребно, туку да работи она за што е стручен, а тоа е да се грижи за болните. И оваа инвестиција е направена со донација со неколку компании од градов. Втората донација беше директна до медицинскиот и помошниот персонал кој директно е во контакт со болните од Ковид. Тоа беше еден вид благодарност и стимулација за надчовечките напори кои ги даде за да се справи со ова болест. Таа помош беше финансиска до секој еден вработен на инфективното одделение и брзата помош. Сметам дека направивме добар потег за малку од малку им дадеме почит за сé она што го прават да им помогнат на нашите сограѓани кои имаа потреба за помош. Знам дека не можеме да излеземе во пресрет на сите потреби, на секого, но се трудиме секогаш да направиме добро дело колку што можеме во даден момент.

viber image 2021-01-20 16-49-31

НЕ ОПСТОЈУВААТ НАЈГОЛЕМИТЕ, ТУКУ НАЈАДАПТАБИЛНИТЕ КОМПАНИИ

Колку се променува бизнис менталитетот и техниките на менаџирање поради пандемијата кај вас и во еснафот?

– Секоја година учиме по нешто ново од она што сме го минале и што сме го искусиле. После ваква криза ќе научиме многу нови нешта. Прво, дека многу работи не се дадени еднаш за секогаш. Мора да се биде спремен на изненадувања и да се реагира брзо. Второ, многу работи ни се чинат привидно дека се во ред. Но, при првиот предизвик излегуваат дека воопшто не се ОК. Трето, колку што треба да сме со погледот вперени напред, во освојување на нови пазари, нови нешта, секогаш треба да бидеме исто толку свртени и внатре во компанијата и одредени процеси да ги усовршуваме и да ги контролираме подобро. Дефинитивно, начинот на менаџирање ќе се промени. Видовме дека многу работи можат да се извршуваат од дома. Многу состаноци за кои сме трошеле многу ресурси, сега можат да се обават и онлаин, без физичко присуство. Сигурно многу работи ќе се променат. Во светот многу компании, мега компании пропаднаа (посебно во услужните дејности). Се појавија многу нови кои до пред кризата речиси беа непостоечки, а сега станаа мега компании. Како што кажав, во овој свет на брзо живеење не опстануваат најголемите, туку најадаптабилните.

СЕКОЈ ПОИНАКУ ГО ВРЕДНУВА ОНА ШТО ГО ИМА И МУ ЗНАЧИ

И приватно, секое семејство не остана без трага во односите. Кризата главно ги поврзува, доближува семејствата?

– Кризата не остави никого рамнодушен сигурно. Секој беше исправен пред многу предизвици, најпрвин за себе, за најблиските, за пријателите и колегите. Многу не успеаа во битката со болеста. Многу фамилии на директен начин ја почувствуваа горчината од поразот пред вирусот. Скоро секој од нас имаше по некој пријател, познат, кој поминал трагично или со тешки последици. Тоа неминовно нанесува тешки траги кај секој. Ќе мора да продолжиме да живееме со тоа и да се сеќаваме на оние кои нé напуштија. Пандемијата покажа колку нешто невидливо за нас може да биде поголемо од сите нас. После сé ова, секој поинаку ќе го вреднува она што го има и дека поинаку ќе ги гледаме оние што ни значат во нашите животи.

Loading