ВРЕМЕ Е ЗА ТРОФЕЈ ВО ПРИЛЕП

Фудбал: Славчо Ѓорѓијоски, претседател на Деспина

-Шансите се и во Првенството и во Купот

Slavco Gorgijoski

Меѓу најуспешните спортски екипи од градов е ЖФК Деспина. Екипата е третопласирана во есенскиот дел од Првата женска фудбалска лига, меѓу 15 екипи. Постигна 11 победи. Највредна е со 2:1 против Тиверија во Струмица, 1 нерешена со 0:0 во Скопје и 2 минимални пораза од по 1:0 од директните конкуренти за врвот, Саса и Ас унитед. Гол-разликата е 80 дадени, а само 7 примени голови.

-Покрај условите во кои се играше при пандемијата, со посебни мерки и протоколи, како клуб сме задоволни од резултатите, иако секогаш може повеќе и подобро. Со оглед на конкуренцијата од 15 екипи, да третото место не е мала работа за клуб со искуство од две ипол години. Девојките го дадоа максимумот на секој меч низ добра игра и борбеност, со напорни тренинзи и одлична работа на тренерите. Почнавме од ,,нула,, и успеавме да направиме престижен репрезент на прилепскиот фудбал, благодарение на нашиот спонзор Витаминка – вели Славчо Ѓорѓијоски, претседателот на клубот.

Напролет ќе има докрај неизвесна борба за титулата во која, покрај Деспина, се вклучени уште лидерот Саса со 5 бода предност (39), втората Тиверија со 1 бод предност (35), Скопје и Ас унитед со ист број на бодови (34). Сите овие екипи ги очекува гостување во Прилеп. Тука е шансата. Во клубот не оставаат распоредот сам да донесе резултат, ами благовремено работат на подобрување на квалитетот.

-Нашата девиза е од година на година да бидеме подобри. Ќе пробаме да се искачиме на врвот од табелата во Првенството, а во Купот да стигнеме што подалеку. Време е во Прилеп првпат да дојде трофеј од женски фудбал. Напролет ќе бидеме посилни за репрезентативката Јована Ѓорѓиоска, која се враќа по 6-месечна пауза. За заминатата Драгана Костова, ќе обезбедиме соодветна замена – најавува Ѓорѓијоски.

Само 8 тима остануваат прволигаши. Послабопласираните отпаѓаат во Втората лига. Деспина е најсилна кога е најпотребно.

Loading