ИВАН ИВАНОВИЧ И ИВАН НИКОФОРОВИЧ

ivce1По којзнае колку време, по многу години, ни излезе пред очи малата книшка на Гогољ – ,,Како се скарал Иван Иванович со Иван Никофорович,,. Авторот ја нарекол повест. Некогаш, многу одамна, во седмо или осмо одделение, во читанките имаше фрагменти од оваа повест. Сме читале во тоа време нешто но сме заборавиле. Тогаш се изучуваше, во училиштата и руски јазик. Се сеќаваме на насловот, оригиналниот – ,,Как пасорлисја Иван Иванович са Иваном Никофоровичем,,. Сега, кога случајно ја пронајдовме таа книшка, веднаш ја прочитавме. Се присетивме на тие детски времиња и на содржината. Пријатно се изненадивме од убавиот превод. Штета е што не знаеме кој е преведувачот. Дали можеби е откинат последниот лист од книгата, каде обично се напишани таквите податоци, или пак воопшто не е напишано името на преведувачот. А многу е битно да се каже дека преводот е направен во 1948 година. Само неколку години по кодифицирањето на македонскиот јазик. Превод, во тоа време, по многу нешто, е подобар од разни преводи во денешни услови. Не знаеме од каде ни се врти во умот дека преведувач е Круме Кепески. Има одредени зборови кои укажуваат на тоа дека преведувачот е прилепчанец. Речиси насекаде е испуштено интервокалното ,,в,,. Наместо ,,зборови,, пишува ,,зборои,,. Наместо ,,волови,, пишува ,,волои. Има повеќе такви. Се наоѓа и по некоја грешка во преводот. Наместо ,,животно,, пишува ,,животина,, наместо ,,престап,, напишано е ,,престапление,,. Една реченица гласи вака: ,,Ќе ми правите ли дружба за чај,,? Денеска секој би рекол ,,друштво,, а не ,,дружба,,. Симпатии побудува зборот ,,зарзават,, што го користи преведувачот. Во времето, што го викавме ,,по ослободувањето,, на некои продавници пишуваше – ,,Емиш и зарзават,,. Тие турцизми се користеа тогаш. Емиш значи овошје, а зарзават е зеленчук. Со времето, тие производи го најдоа вистинското име. Побудува симпатија дека е од 1948. Тоа се однесува на синтаксата, редот на зборовите во реченицата. Денеска, за голема жал, таа е доста нарушена. Ќе го земеме за пример насловот на оваа книшка ,,Како се скарал Иван Иванович со Иван Никофорович,,. Најверојатно е, кога некој денеска би го преведувал овој наслов, тој би гласел: ,,Како Иван Иванович се скарал со Иван Никофорович,,. Сите забораваат дека во прашалните реченици, по прашалниот збор, треба да дојде прво глаголот како што е во односниот наслов – ,,Како се скарал Иван Иванович,, а не ,,Како Иван Иванович се скарал,,. Слушаме ,,Што новиот закон донесува,, наместо ,,Што донесува новиот закон,,? И многу, многу такви. Сме се среќавале и порано со постари преводи и сме констатирале дека се подобри од многу денешни. Жално е тоа. Не само за преводите, туку и за она што го слушаме секојдневно од медиумите. Еве што слушнавме: ,,Во понеделник комисијата за заразни болсети ќе решава за можно затворање на угостителските објекти,,. Еве, читаме ,,Во понеделник,,. А во кој понеделник? Зошто не размислуваат новинарите дека реченицата е нејасна? Зошто не велат ,,В понеделник,,? Од тоа се подразбира првиот нареден понеделник. А ,,Во понеделник,, значи во секој понеделник. Друг пример: ,,Во четврток Бучкоски ќе патува за Софија,,. Колку е очевидно дека реченицата е нејасна! Од каде знаеме ние кој четврток ќе биде тоа! Зошто не велат дека ќе патува ,,В четврток,, а не ,,Во четврток,,.

Колку била поголема грижата за јазикот во тие постари времиња. А колку е голема негрижата денеска. Наместо да го градиме ние го деградираме јазикот. Како јазикот да е најневажната работа. За нашиве новинари, за нашиве политичари како да не постојат ни речници (ги има многу), ни правопис, ни граматика!

Loading