ИСТИ ПРАШАЊА – РАЗЛИЧНИ ОДГОВОРИ

petar risteskiПетар Ристески, пратеник од ВМРО – ДПМНЕ

1. Какво е чувството и одговорноста да се биде пратеник?

-Да се биде народен избраник, посебно од Прилеп, е голема одговорност, особено во парламентарен состав каде мнозинството í припаѓа на ненародната власт предводена од СДСМ. Со власт која нема слух за потребите и проблемите на граѓаните секој ден е борба. Ќе дадам сé од себе за актуелизирање на проблемите. Мораме да се бориме за нашите сограѓани, и да ја оправдаме нивната доверба.

2. Каде е Прилеп во проектите на Владата и буџетот за 2021 година?

– Прилеп не само во овој буџет, туку и цели три години наназад е слепо црево за власта од СДСМ и Зоран Заев. Сите амадмани кои ги поднесовме заедно со колешката Ане Лашкоска беа одбиени и не наидоа на разбирање од владеачкото мнозинство. Ја прекинаа градбата на експресниот пат Прилеп – Градско, патен правец кој требаше да значи живот за прилепската економија и безбедност во сообраќајот. Не го прифатија проектот за изградба на автопатско решение од Велес преку Прилеп до Битола и границата со Грција. Повеќе од една година без пари ги оставија вработените во Еурокомпозит. Во буџетот нема пари за инфраструктура за населените места во прилепско. СДСМ има кренато раце од развојот на Прилеп. 

3. Државата е исправена пред најголемата и најобемната статистичка операција, планираниот Попис на населението во април?

– Секаде во светот пописот е статистичка операција и чиста формалност, само во Македонија тоа е политичка операција. Власта сака да спроведе попис кој ќе биде чист фалсификат. Заев планира преку пописот да ги исполнува неговите лично преземени политички концесии. Ние баравме да се изгради консензус и сите политички актери, да договорат прифатлив начин на спроведување на пописот. Наместо тоа, власта го злоупотреби европското знаменце и го истурка Законот за попис, без да прифати ниту еден од суштинските амандмани на ВМРО-ДПМНЕ. Имаме јасен став дека во пописот треба да влезат само присутните граѓани во Република Македонија и тоа да се направи со отпечаток од прст.

4. Гасификацијата е стратегиски интерес?

– Гасификацијата на државата е процес, почнат од Владата на ВМРО-ДПМНЕ. На оваа Влада í остануваше да го продолжи, затоа што е во интерес на стопанството, институциите, па и домаќинствата, државата да се гасифицира и да се користат придобивките од евтин реагенс за затоплување. СДСМ, конкретно во Прилеп, формираа Јавно претпријатие за гасификација пред две години, без било какви изгледи гасот да пристигне во градот. Не е завршен ниту гасоводот Неготино-Кавадарци-Прилеп-Битола, а да не правиме муабет за секундарна, или терциерна гасоводна мрежа. Оваа власт нема никакви изгледи Македонија да ја гасифицира.

5. Европскиот пат на државата, договорите за добрососедство и македонскиот идентитет и јазик?

– Република Македонија нема европска иднина со оваа власт. Тоа го гледаме три години. Покрај уверувањата на Заев, уште нема датум за преговори со ЕУ. Го продадоа името, а сега ја продаваат историјата, јазикот, народноослободителната борба. Затоа ВМРО-ДПМНЕ, заедно со граѓаните, излезе на улиците и еднаш го спречи Заев да склучи нов погубен договор со Бугарија. Будно ги следиме новите чекори во преговорите со источниот сосед и ќе застанеме на патот при секоја нова продажба и пазарење.

6. Справувањето со корона пандемијата и имунизацијата на населението?

– Министерството за здравство предводено од Венко Филипче и локалната власт со Илија Јованоски, се најголемите виновници што Прилеп е лидер во смртност и е на ранг со Бергамо и Вухан по бројот на починати на 100.000 жители. Ненавремените мерки го направија своето. Недостигот на медицински персонал и лекари исто така. Не се оствари ниту ветувањето за изградба на монтажна болница. За жал, загубивме над 200 наши сограѓани, а градоначалникот и неговите сопартијки изведуваа балетски перформанс пред болницата. За имунизацијата, Македонија уште не почнала со вакцинација. Прашање е кога ќе започне. Со набавени само 5.000 вакцини, не се вакцинира ниту едно прилепско маало, а не пак цела држава. Потребно е преземање одговорност и оставки.

7. Економските мерки за помош на граѓаните и фирмите?

– Анти корона мерките за помош на стопанството и граѓаните за Владата не беа ништо друго, туку предизборен поткуп. Погрешното трошење на милиони народни пари доведе над 50.000 луѓе да останат без работа.  Многу фирми ставија катанец. Тоа се гледа во прилепската Стара чаршија. Се затоворија повеќе од половина од дуќаните. Капак е, секојдневното ограбување на тутунарите од власта, а трудот и маката остануваат не платени. Доколку тутунарите ги добијат заслужените пари, ќе живее и чаршијата. На милост и немилост се оставени над 10.000 тутунарски семејства од Прилеп и прилепско, кои поради оваа власт ќе крпат крај со крај.

За читателите на Зени и сите други граѓани, Срекна Нова, среќни празници со желби за добро здравје.

Што е за вас новинарството? Сратегија за локалните медиуми ослободени од притисоци?

Моето видување од секогаш е дека новинарите и медиумите треба да бидат ослободени од политичко влијание. Затоа одлично соработувавме со сите медиуми и новинари додека бев координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во општината Прилеп, одлично ќе соработувам и во иднина. Сметам дека треба да се најде некое решение со кое би се овозможил фонд за медиуми на локално ниво, со тоа што ќе бидат поддржани новинарското истражување и објективното информирање. Заеднички ќе работиме и ќе развиваме идеи и дискусии по овие прашања.

Loading